Александар Зверев од теренот на „Род Лејвер арената“ во Мелбурн, по полуфиналниот меч со Новак Ѓоковиќ упати остри реакции до публиката на Австралија Опен која му свиреше на Ѓоковиќ откако тој поради повреда го предаде мечот.
„Првата работа што сакам да ја кажам е никогаш да не го исвиркувате играчот кога тој ќе го напушти теренот поради повреда. Знам дека сите си ги платија билетите и сакаат да гледаат битка во пет сета, но Новак е човек кој целиот свој живот, 20 години, го дал на овој спорт. Овој турнир го освои со повреди, со скинати мускули, стомачни повреди, треба да покажете љубов и почит кон Ѓоковиќ“, изјави Зверев во разговорот со Џим Куриер, гледајќи кон трибините.
„Од една страна сум во финале на Грен слем турнир, од друга страна нема играч на АТП турнејата што повеќе го почитувам. Секогаш кога имам проблем му се јавувам, секогаш е тука и многу ми помага. Сакав ова да трае пет сета, немам ништо друго освен почит кон Ѓоковиќ“, изјави Зверев по пласманот во третото Грен слем финале во кариерата.
Ѓоковиќ го загуби првиот сет со 7:6 (7-5) од Александар Зверев и потоа мораше да се повлече поради повреда. во првото полуфинале на Австралија Опен што се одигра утрово.
Во второто полуфинале ќе се сретнат првиот носител и бранител на титулата Јаник Синер и Бен Шелтон. Тој дуел започнува во 9.30 часот.
Ј. Ѓ.