На денешното прво гласање во грчкиот Парламент за избор на претседател на Грција, ниту еден од четворицата кандидати не го доби потребното двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 гласа од вкупно 300 пратеници, со што в петок ќе се одржи второто гласање, јави дописничката на МИА од Атина.
Константинос Тасулас, кој до неодамна беше претседател на Парламентот, како предлог од владејачката Нова демократија, доби 160 гласа.
За поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК, Лука Кацели предлог од СИРИЗА гласаа 40 пратеници.
Поранешниот министер и професор Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, доби 34 гласа.
За писателот Костас Кирјаку предлог на партијата Победа гласаа 14 пратеници.
Од пратениците, 49 беа воздржани, меѓу кои и пратеничките групи на Комунистичката партија, на Спратанци, Курс на слободата, како и дел од независните пратеници.
Првпат по повеќе од 30 години беа предложени четворица кандидати за претседател на Грција, гласањето беше јавно со прозивање на секој од пратениците, кои имаа две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.
Откако првото гласање беше неуспешно, односно ниту еден од кандидатите не доби 200 гласа, согласно грчкиот Устав ќе се одржи второ, по пауза од пет дена, односно в петок на 31 јануари, во кое исто така ќе биде потребно двотретинско мнозинство, што значи дека ќе следи и трето, а според калкулациите новиот претседател се очекува да биде избран по четвртото гласање, кое ќе се одржи на 12 февруари и да биде избран Константинос Тасулас за шеф на државата со поддршка од околу 160 пратеници.
Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава.
Денешната седница во Парламентот започна со едноминутен молк за пратениците да му оддадат почит за поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој почина утрово.