За дел од пациентите на Онкологија, има недостиг од лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
– Поради катастрофалниот недостиг на лекови на Онкологија се загрозени човечки животи, кои директно зависат од терапија која што власта не ја обезбедила. Изговори или оправдувања се неприфатливи кога станува збор за човечки животи и за хаосот на Онкологија мора да има одговорност, реагираат од СДСМ.
Оттаму велат дека „директорите на Клиниката за онкологија, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски и министерот за здравство, Арбен Таравари мора да поднесат оставки и да се повлечат“.
„Нивната неспособност е животно загрозувачка. Воопшто не бил преземен соодветен план и не биле навремено набавени лековите, не бил направен систем, не бил направен регистар, ништо не направено а пациентите се оставени да страдаат. Дури и сега, власта сака да го решава проблемот со донации додека најавува купување на авион. Срамно, неодговорно и тажно. Хуманитарната катастрофа на Онкологија е директен резултат на неодговорноста и неорганизираноста на актуелната власт и за тоа мора да има одговорност“, соопштуваат од СДСМ.
Претставници на Здружението Хема-онко вчера оствариле средба со министерот за здравство Арбен Таравари. Состанокот бил планиран пред актуелните случувања на Клиниката за радиологија и онкологија во Скопје, но, неизбежно било да се разговара за недостиг од терапија за овие пациенти. Се апелирало проблемот да биде решен во најскоро време.
– И од министерот, како и од директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, ни беше ветено дека терапија ќе има до крајот на наредната недела. Од него побаравме да се направат напори барем дел од оваа терапија да се стави на Позитивната листа со што овие проблеми ќе се избегнуваат во иднина, изјавија претставници на здружението за МИА.
Како што појаснија, Буџетот за 2025 за Онкологија бил зголемен, па тие се надеваат оваа дискусија за немање терапија повеќе нема да ја има.
– Ги посочивме и останатите проблеми со скрининг програмата, олеснување на патеката до центар за дојка и останатите снимања, така што, инсистиравме на воведување двојно читање на резултати со што сметаме дека ќе се намали процентот за грешки. Зборувавме за просторно проширување на Онкологија и изнаоѓање трајно решение за гужвата на оваа клиника. За итноста и потребата од дополнителен персонал. За нефункционирањето на Битолската клиника. Ова е втора официјална средба со министерот и искрено се надеваме дека ќе се променат состојбите на подобро, велат од Здружението.