На предлог на претседателот Венко Филипче, Извршниот одбор на СДСМ ја избра Даниела Колева за претседателка на Форумот на жени на СДСМ.
Како што се наведува во соопштението на СДСМ, Колева е долгогодишна активистка и борец за еднаквост и еднакви можности, поранешна пратеничка на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата во минатиот состав, дипломиран професор по математика и Магистер по менаџмент на човечки ресурси.
Колева во објава на социјалните мрежи упати благодарност до Филипче и до Извршниот одбор на СДСМ, за укажаната доверба.
„СДСМ е предводник во унапредување на правата и застапеноста на жените во општеството, прва партија која има воспоставено целосна родова рамноправност во партиските тела и на изборните листи, а со тоа има директно влијание на јакнење на позициите на жените во општеството. Нашите претходнички социјалдемократки, со својата храброст и визија, во минатото надминаа големи предизвици и препреки, а наша задача е да го продолжиме нивниот пат, за достигнување на нашата заедничка цел. Имаме голем капацитет, имаме храброст и енергија, имаме јасна цел и визија. Продолжуваме да работиме, уште посилно, за подобро општество за сите!“, напиша Колева.