Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Додека возбудената политичка елита на „српскиот свет“ – пречекана од своите жизнерадосни обожаватели од македонската (етничка) политичка елита на чело со велевлажниот владин врв – го славеше Свети Сава во СкопЉе, светот го тресеа берзански земјотреси поврзани со развојот на вештачката интелигенција.
Во само еден ден, поради појавата на новиот кинески модел на вештачка интелигенција од кинескиот стартап DeepSeek технолошкиот гигант NVIDIA изгуби близу 600 милијарди долари од својата вредност на светските берзи (повеќе од сто годишни буџети на Македонија никогаш Северна), а ни оддалеку не може да се каже дека пропаѓа.
И додека светот веќе јасно ги гледа контурите на развојот на технологиите во 22. век, балканските политичари и нивните медиумско-академски ентуражи цврсто се држат за времето пред 10 века.
Српските студенти поведоа, а десетици илјади граѓанки и граѓани им се придружија во битката против авторитарниот режим на Вучиќ.
Но режимот со седиште во Белград се брани, каде ако не – во СкопЉе!
На сцената неизбежно беше да се појави и ѕвездата на радикалниот српски национализам, шефот на Република Српска, матрјошката Додик.
Се подразбира, ваква журка не можеше да помине (и не помина) без амбасадорот на државата терорист во чиј скут седат балканските силеџии.
За да биде славјето сенародно, не изостана ниту социјалдемократскиот шмек изразен со учество на највисоките претставници на партијата што до вчера беше на чело на прозападна влада.
Сѐ заедно, уште една блуткава журка што треба да се запомни за да им се трие од носот на сите чиј политички дневен престој е најмалку сто години порано и овој прекрасен полуостров (Балкан) го претвораат во вуко***ина. Ако нема историска и политичка одговорност, барем да остане запишано.
Не е прва, ни последна ваква приредба. Сцената е иста, само сценографијата и кореографијата се менуваат.
Било да се Македонци, Срби, Албанци или други, сеедно – на балканските политички шефови и шефчиња некако им е полесно да возат со погледот закован за ретровизорот. И се тркаат кој ќе стаса подлабоко во минатото.
Запомнете…
Вештачката интелигенција е бесплатна. Toa што скапо чини и уништува цели генерации е политичката глупост.
Изборот е релативно лесен. Патување и останување во минатото во „херојски“ период пред или во новата ера, овозможено од политичката временска машина на екстремните националисти од сите бои и вери. Или технолошки супер развиен 22-ри век.