Европската комисијата денеска ја усвои Петтата годишна програма за работа во рамките на Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ), со што одвои над една милијарда евра за 2025 година за поддршка на соработката во проекти за развој на нови критични одбранбени технологии и капацитети, соопшти портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.
– Вкупно ќе има девет конкурси за поддршка на истражувачки и развојни проекти за копнените, вселенските, воздухопловните и поморските сили, за зајакнување на енергетската отпорност и кибер безбедноста, како и за еколошка транзиција, истакна Рение.
Според него, во рамки на Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ) од неговото формирање во мај 2021 година, па досега, Еврокомисијата вкупно издвоила 5,4 милијарди евра за проекти поврзани со одбраната и безбедноста.
Од вкупната сума од над една милијарда евра, по околу 100 милиони ќе бидат наменети за проекти за поддршка на развојот на критичните одбранбени технологии и капацитети за копнените, вселенските и воздухопловните сили, како и за зајакнување на енергетската отпорност и за еколошката транзиција.
Дополнително, по над 40 милиони евра ќе бидат наменети за истражување и развој во критичните области, како што се кибер безбедноста, поморските сили, подводната инфраструктура и обуката.
Конкурсите за доставување на предлози се очекува да бидат отворени кон средината на следниот и ќе траат до 16 октомври 2025 година.
Европскиот фонд за одбрана, чиј буџет за периодот 2021-2027 година изнесува околу 7,3 милијарди евра, е инструмент на Комисијата за поддршка на соработката за истражување и развој во сферата на одбраната во земјите членки на ЕУ и плус Норвешка.