Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги повика српските власти да ги истражат инцидентите против учесниците на протестите во таа земја, кои веќе трет месец протестираат барајќи одговорност за страдањата на 15 лица по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пренесоа српските медиуми.
„Постојат сведоштва за инциденти против демонстрантите. Очекуваме целосна, непристрасна и брза истрага. Насилството не треба да се толерира. Очекуваме српската полиција да продолжи да ја обезбедува безбедноста на демонстрантите. Јазикот што поттикнува насилство и недостаток на меѓусебно почитување не може да биде решение“, изјави еврокомесарката Марта Кос во отвореното писмо објавено на веб-страницата на Европската комисија.
Кос потврдува дека лично внимателно ги следи протестите во Србија, но и дека добила неколку писма од членови на српската академија, политички претставници и граѓански организации во кои се изразува загриженост за актуелната состојба во земјата.
Таа рече дека слободата на собирање е темелна вредност на заедничкиот европски проект и дека таа треба да се почитува.
Таа повтори дека приоритет на Европската унија и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е да ја поддржат Србија да напредува на нејзиниот пат да стане дел од Унијата.
Сепак, Кос истакнува дека патот кон членството во ЕУ вклучува реформи „кои ги инкорпорираат нашите заеднички вредности во законодавството и практиката и дека патот на Србија кон Европската унија нуди решенија за многу прашања кои се во центарот на дискусиите денес“.
Д. Т. / Цивил Медиа