Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, објави на Фејсбук, лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој вели дека „СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чуствителен сегмент, истакнува Филипче.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери“, се наведува во објавата од Филипче.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е потребно формирање нов Судски совет кој ќе биде објективен и непартиски, за да се обезбеди правда и ред во системот. Во врска со најавата дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, Мицкоски рече дека според него, тоа е чекор кон длабоки реформи и ослободување на правосудниот систем од контроверзии и корупција.