Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонците се ко мајмуни кои во кафезот наречен Македонија, чекаат чуварите од вмро да им го фрлат месото на националните интереси што ги одбраниле таа или некоја претходна ноќ. Потоа се поскаат од вошки и други паразити, па се ебат меѓу себе до изнемоштување. Но, не пропуштаат, во знак на благодарност, да им се напупат на чуварите од власта. Шипките се раздалечени за идеален секс, безбеден за мајмуните и за вмороните што покажува дека оградата околу зоолошката градина е проектирана од некој добар ебач-архитект.
Знам дека оваа слика изгледа малку грубичка, веројатно звучи и навредливо, но тоа е единствената верна слика за Македонија.
Сѐ друго што слушате и гледате како вести интервјуа, дебати, соопштенија и изјави, сета појавност со која се судирате штом ќе ги отворите очите, се шампони за нега на крзното на мајмуните и евтини корпички со банани и урми, како и препарати за одлагање на менструацијата кај женската популација, додека Весна не ја заврши реформата и не направи од школите најдобри можни мајмунариуми со женки без овулација и менструација.
Гомбрович би рекол дека Македонија е тоа што го рекол за Полјаците: заедница во која свиња на свиња газот и го лига!
Растурањето на Македонија според оваа моја теорија не е културолошки или политички феномен, макар што, се разбира, има и такви аспекти, туку е резултат на наследниот капацитет на луѓето од оваа територија да живеат без своја држава, а ако, по некаков случај Историјата или Господ, потпомогнати со некакви моментални изблици на државотворност кај луѓето, ги даруваат со таква формација, да ја растурат во првата згодна прилика.
Бездржавието е, драги мои, клучен идентитетски фактор на Македонците.
Со генетски својства.
Таква прилика беше транзицијата односно демократијата и пазарното стопанство како други имиња за кретенизација и пљачка.
Културата што беше наталожена во текот на краткиот државотворен период се покажа како дупнато кану за транспорт преку Океанот на времето.
Македонците потсвесно знаеја дека немаат шанси во тој плов и затоа решија да ја разградат државата надевајќи се дека од тој брод ќе им падне некоја подебела штица со која ќе можат да допловат до првото копно што нема да се вика Македонија.
Сите: политичарите, професорите, новинарите, работниците-обични, сексуалните работници и работнички, земјоделците, фризерите и фризерките, угостителите, учениците, студентите, пензионерите….
Тие не ја убија само државата, туку, за да се обезбедат во природната интенција да се вратат во слободата на ливадите и кориите, го убија времето. Басара би рекол дека и тука, како во Србија, се води некаква хроника на државата во распад, но времето како категорија на постоењето и на историјата, значи како фактор на смислата, е убиено.
На прв поглед изгледа како да стоиме во место додека сите се борат да го следат ритамот на времето и да одат напред, но тоа е само една визуелна самоизмама: ние се враќаме назад.
Политичката репрезентација се покажа како една сифилистичарска структура при што крајните фази на лудилото ги има остварено кај таканаречените патриоти, односно кај вмронитите, луѓето се масовно имбецилизирани, лебдат во просторот без време како мушички над кацата со комење, неуморни се во репродукцијата на својата бесмисла.
Не престануваат да расправаат за дневните безначајности како за најважни работи, фини слатки лаги, додека возот ги остава на станицата во Орешани.
Никој не сака да се нафати со ризикот да спаси нешто. Не, сите брзаат да се качат во бродот на пропаста, не само затоа што ги мами можноста во пропаста нешто да дрпнат за себе, туку и затоа што сфаќаат дека ако не пропаднат, односно ако преживеат, ќе се соочат со пеколни маки какви што се употребата на мозокот, логиката, филозофијата и етиката. Илјада години би прифатил да чува овци како македонски Србин, Бугарин или Грк, отколку три месеци да биде одговорен Македонец на кого мозокот ќе му работи макар дваесет отсто.
Вмро му ги урна сите мостови и сега тој е со комитите на Пирин планина, нема Македонија, не Норд, нема Македонија, само Пирин планина, без шанси да се врати на брегот кој што се остатоците на неговата култура и неговиот статус на господин. Македонецот тоа не го ни сака. На тој недостижен брег е и Европската унија односно преговарачката рамка како единствен амбиент во кој тој може да се извлече од својата примитивност и да постои како колку-толку нормален човек. Тој се плаши од таа еманципација на која крајно злонамерно, предавнички го беше навлекол сдсм заедно со дуи, се разбира. Вмро го тера да биде сам затоа што во тоа својство на Македонците му отпаѓаат националноста, идентитетот и достоинството како на децата млечните заби. Затоа го плашимод Европа и од светот и го учи да ги мрази. Албанците посебно. Тие кои беа најдобрите македоночувари да ги означи како солна киселина за себе и за државата.
Тоа е мисијата на оваа злосторничка, геноцидна инсталација.
На вмро во сите алотропски модификации, во модификацијата вмро-дпмне, посебно.
Група на луѓе кои формирале национална заедница и држава исчезнуваат од картата на народите и државите низ процесите на предавањето во прегратките на имбецилите на вмро-дпмне. Со децении, секој ден, 24/7. Не постоиме. Нѐ нема. Некој не доаѓа и не нѐ кани.
Македонците не се само публика во чирубу-чириба претставата на сифилистичарскиот комитлак туку, преку сексуалното и ментално општење, е и жртва на ширењето на таа епидемија на имбецилноста и лудоста.
Така што Македонија е, ако сакаме да бидеме посериозни, мачилиште во кое се уништени милиони животи и таленти во радоста која доаѓаше од комоцијата и топлината на југословенскиот шинел. И после, во инерцијата. Денеска посебно.
Институциите, власта, државата не постапуваат со луѓето како американските војници во Абу Граиб, но убиството на нивното македонство, на пристојноста и човечноста, со што беа опремени во педесетината години нормалност, се уште пострашни затоа што методите се попокварени, морам да употребам израз од српскиот.
Можеме да бидеме туристичка дестинација во која луѓето би доаѓале да гледаат како будалите ги бранат националните интереси. Како нивниот премиер пелтечи десет зборови мешајќи им го редоследот во пет варијанти, седум години. Тој се однесува како политичка кретенчуга од највисок ранг. Нивната претседателка е како принцеза извадена од театарот за деца во време кога театарот немал доволно пари да ја увежба и дотера попристојно за детската публика.
Можеме и да го тужиме Трамп затоа што вмро прв ја лансира паролата за „Мејк Македонија грејт агеин“!
Трамп може да види колку мала, безначајна, а можеби и исчезната ќе биде Америка, кога тој ќе ја направи голема.
Порано ваквите состојби и глетки ми предизвикуваа тага, денеска не, не можам да кажам дека се радувам на распаѓањето, но на тоа гледам како на нешто туѓо.
Тоа е мој пораз.
Пораз на моите идеи и концепти.
На мојата филозофија.
Бескрајниот напор, страст и љубов што педесет години ги вложував во опстанокот и напредокот на Македонија, во нејзината модернизација, се исфрлени како страно тело и се цедат како гној од организмот на Македонија. Која сега може да каже дека умира од таа инфекција. Од мојата лудост.
Хахаха! Можеби ќе биде во право. Не е исклучено.
Признавам.