Украинскиот претседател Володимир Зеленски ужива поддршка од 57 отсто од граѓаните, покажа денеска објавена анкета, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рејтингот на Зеленски е само четири проценти.
Во својот повик за одржување претседателски избори во Украина, кои се забранети поради вонредната состојба, Трамп синоќа изјави, алудирајќи на Зеленски: Падна на четири проценти поддршка, пренесоа американските медиуми.
Телефонската анкета на реномираниот Киевски меѓународен институт за социологија, спроведена врз 1.000 испитаници, покажа дека 57 отсто од нив му веруваат на Зеленски, додека 37 отсто изјавиле дека немаат доверба во него, а останатите биле неодлучни.
Анкетата, исто така, покажа дека довербата во Зеленски е зголемена за пет отсто во однос на истражувањето од декември, и покрај воените неуспеси на Украина.
По руската инвазија во март 2022 година, рејтингот на украинскиот претседател се искачи на 90 проценти, наведуваат од институтот. Според авторите на истражувањето, Зеленски успеал да „задржи релативно високо ниво на доверба“ меѓу граѓаните.
Поддршката за Зеленски е нешто пониска во јужните и источните региони на Украина, каде што 55 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат доверба во него.
Изјавите на Трамп, истовремено, се совпаѓаат со реториката на рускиот претседател Владимир Путин, кој тврди дека Зеленски не е легитимен претседател.
Според украинскиот закон, претседателски избори не можат да се одржат за време на воена состојба, која е во сила од 24 февруари 2022 година.
Во нормални околности, мандатот на Зеленски требаше да заврши во мај минатата година. Сепак, критичарите укажуваат на одредена нејаснотија во украинскиот Устав, според кој ниту еден претседател не може да остане на функцијата повеќе од пет години, но истовремено мора да ја врши должноста сè додека не биде избран негов наследник.
Зеленски претходно изјави дека одржувањето избори во моментов е невозможно, бидејќи милиони Украинци се наоѓаат во странство или се борат во армијата, а безбедносните ризици се премногу високи.
Според авторите на анкетата, „поголемиот дел од украинското население и натаму смета дека изборите треба да се одржат по завршувањето на војната“.
Сè уште не е јасно врз основа на што Трамп го изнесе тврдењето за четирипроцентниот рејтинг на Зеленски.
Рускиот политички аналитичар Фјодор Лукјанов изјави дека ваквата реторика е типична за Трамп, додавајќи дека американскиот претседател „не обрнува внимание на здодевни работи како факти и бројки“.