Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Влегува Јане во редакција утрово и прашува – „Што? Трамп уште не ја нападнал Украина?“ Не, му велам, ќе нападне кога ќе добие команда од шефот, Путин. Овој утрински редакциски црн хумор се надоврза на еден разговор од претходната вечер, кога една универзитетска професорка ми кажа дека трампистите треба да го сменат натписот на своите капи во МРГА – Направете ја Русија величествена повторно (Make Russia Great Again).
Навистина, Трамп на тацна му ја подаде Америка на Путин, американската гордост и демократија… Тој како папагал ги повтори сите лаги на Путин за Украина. Излажа и дека САД одвоиле 350 милијарди долари за Украина. Тоа не е точно – 64 милијарди се. Украинските даночни обврзници ја финансираа својата борба за слобода со 120 милијарди долари. Европа е далеку поголем донатор од САД – во прв ред ЕУ, но и земји надвор од ЕУ како што е нашата земја, која од првите денови е на страната на Украина.
Ова е тажен ден за американската демократија, рече сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс. Мојот омилен историчар, светски познатиот Тимоти Снајдер, постапките на Трамп ги нарече „морално одвратни“. Поранешниот австралиски премиер, Малколм Турнбул, рече дека ова е нов свет на нередот (new world of disorder).
И Турнбул, како и голем број лидери на Европа и светот, безброј опинион мејкери и аналитичари, го осудија Трамп и неговиот тим за предавство и капитулација пред еден воен злосторник, гангстер и диктатор. Трамп ги поддржа сите апсурдни и лажни наративи на Путин. Според него, украинскиот претседател Володимир Зеленски има само 4% поддршка од Украинците. Тоа е руска пропаганда и е обична лага! Рејтингот на Зеленски во моментов е 63%, за разлика од оној на Трамп кој е 47% (според Ројтерс е со рејтинг од 44%).
Прочитајте го прилогот на колегата Мишев во кој стои дека „бројката од 4% Американци со многу позитивно мислење за Путин, кореспондира со лажното тврдење на Трамп дека украинскиот претседател Зеленски има поддршка кај Украинците од 4%“. Зеленски е попопуларен од Трамп дури и во самата Америка! Ги измешал коцките човеков. Или, што е поверојатно, само безобразно и грубо лаже, надевајќи се дека олигарсите ќе му помогнат да ги смени алгоритмите во своја корист.
Да не набројувам. Буквално сите ставови на Трамп за Украина се лажни. Тој отиде дотаму што го нарече Зеленски диктатор, затоа што не излегол на избори. Среде целосна инвазија од воена супер сила, во земја што се наоѓа во воена состојба, Путин и Трамп очекуваат од Зеленски да излезе на избори (спротивно на украинскиот устав)!? По неговата логика, испаѓа дека Путин, Лукашенко и сличните, со по 20 и повеќе години неприкосновена власт и серија тотални изборни кражби се – демократи.
Оваа ситуација можат да ја надминат самите Американци. Сега е ред на нив да се справат со оваа закана. Ако поради ништо друго, тогаш поради доброто на американската демократија.
Преземено: Цивил Медиа