Германските конзервативци остварија убедлива победа на денешните парламентарни избори, покажуваат резултатите од излезните анкети, што најавува значителна политичка промена во најголемата европска економија и го отвора патот за лидерот на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) Фридрих Мерц да стане нов канцелар на Германија.
Според првичните проекции, демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) освоија најголем процент од гласовите – 29 отсто. На второ место се најде крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) со 19,5 отсто, додека Социјалдемократите (СПД) завршија на третото место со 16 проценти од гласовите.
Сепак, новиот канцелар нема да биде избран додека не се формира владејачка коалиција, процес што може да потрае со месеци. Доколку овие проекции се потврдат, кандидатот на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц, е во најповолна позиција да го наследи Олаф Шолц на канцеларската функција.
Колку време е потребно за формирање влада?
Процесот на формирање коалиција може да трае недели, па дури и месеци. Во 2017 година, преговорите за коалиција траеја најдолго во историјата на Германија, оставајќи ја земјата без нова влада речиси шест месеци, потсетува Дојче веле.
Сепак, ако приоритетите на можните коалициски партнери се поблиски и ако во владата учествуваат само две партии наместо три, тогаш процесот може да се одвива многу побрзо.
Партиите ги избираат своите водечки кандидати пред изборите. По гласањето, започнуваат преговори за формирање коалиција. Кога ќе биде договорена коалиција, претседателот на Германија – кој е шеф на државата – предлага кандидат за канцелар, кој подоцна треба да биде избран од Бундестагот.
Вообичаено, претседателот го номинира водечкиот кандидат на најголемата партија во новоформираната влада. За да биде избран, кандидатот мора да обезбеди апсолутно мнозинство во тајното гласање во парламентот. Откако ќе биде избран, новиот канцелар започнува со именување министри во владата.
Германскиот изборен систем – комбинација на мнозински и пропорционален модел
Германскиот изборен систем е дизајниран да обезбеди коалициски влади и да балансира помеѓу принципите на мнозинско владеење и пропорционална застапеност.
Секој германски гласач има право на два гласа – „прв глас“ (Erststimme) и „втор глас“ (Zweitstimme).
Првиот глас се дава за директен кандидат од изборната единица на гласачот. Вториот глас се дава за политичка партија.
Имињата на кандидатите што секоја партија ги предлага за Бундестагот се наоѓаат на таканаречените „државни листи“ (Landeslisten), кои мора да бидат поднесени пред изборите. Бројот на мандати што една партија ги добива во одредена федерална покраина зависи од бројот на освоени втори гласови. Колку повеќе втори гласови добие една партија, толку повеќе пратеници добива во Бундестагот.
Но гласачите не мора двата гласа да ги дадат за иста партија – можат со првиот глас да поддржат еден кандидат, а со вториот да гласаат за друга партија.
Секоја партија што ќе освои над 5 отсто од вкупните гласови автоматски добива места во германскиот парламент.
Мерц подготвен да формира влада
Лидерот на германските конзервативци Фридрих Мерц, кој според првичните резултати е фаворит за следен канцелар на Германија, изрази подготвеност брзо да формира ефикасна влада, јави ДПА.
– Свесен сум за одговорноста, изјави Мерц пред своите поддржувачи во Берлин, тврдејќи дека има јасен мандат да ја предводи следната германска влада.
Мерц нагласи дека е свесен за големината на задачата што го очекува.
– Знам дека нема да биде лесно, рече тој, додавајќи дека Германија не смее да губи време во формирањето на новата влада. – Светот не чека на нас, истакна Мерц.
Тој му се заблагодари на лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, за изборната соработка и им оддаде признание на своите политички конкуренти.
Со победата на ЦДУ/ЦСУ, 69-годишниот Фридрих Мерц е на чекор до остварување на својата долгогодишна цел – да стане германски канцелар.
Ова е личен триумф за Мерц, кој по години надвор од активната политика направи големо враќање и успеа да ја врати ЦДУ на власт по повеќе од три години во опозиција, анализира ДПА.
Правник и економски експерт, Мерц пораснал во регионот Зауерланд во Западна Германија и ја започнал својата политичка кариера во Европскиот парламент во 1989 година.
На почетокот на 2000-тите се судри со поранешната канцеларка Ангела Меркел за лидерската позиција во ЦДУ. .По поразот од Меркел во борбата за лидерство, тој се повлече од политиката и изгради значително лично богатство како правен советник и извршен директор во инвестицискиот гигант „BlackRock“.
Но, откако Меркел во 2018 година најави повлекување од политиката, Мерц упорно се враќаше на сцената и конечно ја освои лидерската позиција во ЦДУ.
Мерц ја консолидираше партијата по изборниот пораз во 2021 година и воспостави поблиски односи со баварската ЦСУ, делумно преку цврст став за миграцијата.
Во последните недели од кампањата, тој стана една од најконтроверзните фигури, откако прифати поддршка од крајната десница за да протурка предлог за ограничување на миграцијата во парламентот.
Шолц го нарече Мерц „недоверлив“, а стотици илјади луѓе протестираа против неговата политика.
Иако подоцна призна дека ова било „отстапување“ од неговите претходни ветувања, прашањето за миграцијата стана централна тема на изборите – а Мерц ќе мора да испорача резултати доколку успее да формира влада.
Сепак, иако е искусен политичар, тој досега не држел ниту една владина функција – што го прави предизвикот уште поголем, заклучува ДПА.
Шолц го призна поразот
Германскиот канцелар Олаф Шолц вечерва изјави дека ќе остане на функцијата сè додека не се формира новата коалициска влада, откако првичните изборни резултати покажаа дека неговата централно-левичарска Социјалдемократска партија (СПД) претрпе историски пораз.
Шолц нагласи дека ќе ја остави на другите задачата да состават нова коалиција, иако се очекува СПД да остане во власта како помал коалициски партнер, пренесува ДПА.
– Сега е на другите да најдат начин за формирање на влада, рече тој во кусо обраќање пред своите поддржувачи во седиштето на партијата во Берлин.
Тој вети дека ќе ги извршува своите должности како канцелар „до последниот ден“ на функцијата.
Вајдел задоволна од изборниот резултат
Копретседателката на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, изјави дека нејзината партија е подготвена да учествува во идната влада, јави ДПА.
– Нашата рака секогаш ќе биде подадена за учество во власта, за да ја спроведеме волјата на народот, волјата на Германија, им рече Вајдел на своите поддржувачи, откако стана јасно дека резултатите од излезните анкети укажуваат на околу 20 отсто поддршка.
Сепак, доколку тоа не се случи, Вајдел, вети дека ќе „брка“ другите партии во земјата доколку нејзината партија оди во опозиција, посочува ДПА.
Зедер против коалиција со Зелените
Лидерот на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Маркус Зедер, остана цврсто против формирање национална коалиција со Зелените, истакнувајќи дека новата влада може да се формира и без нив.
– Релативно е јасно дека можеме и без Зелените – рече Зедер на собир во Берлин, додавајќи дека остануваат на својата позиција дека оваа партија треба да премине во опозиција.
Во заедничко обраќање со Мерц, Зедер му порача: „ЦСУ останува на твоја страна“.
Иако патот до формирање влада нема да биде едноставен, Зедер нагласи дека ЦДУ/ЦСУ имаат „вистински компас, вистински идеи и вистински лидер со цврстина за справување со предизвиците“, кој може да ја врати Германија во силна позиција.