Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите кои имаат некакви докази против работата на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, да ги достават до него, прво тој да ги види, па ако оцени дека има незаконско работење потоа да ги испрати до обвинителство.
„Апсолутно сите оние кои поседуваат какви било докази за такво нешто за кое ДУИ тврди, еве ги повикувам, мојот број сите го знаат. Денес, утре, да дојдат, ако треба ќе напуштам состанок да ги видам тие докази и да ги дадеме на органите коишто треба да постапуваат“, рече Мицкоски.
Сè уште функционира завршување на работа со еден телефонски повик. Очигледно Мицкоски не ги заборава „добрите практики“ на неговиот поранешен шеф Груевски кога со еден телефонски повик ги решаваше проблемите на граѓаните, од вадење пасош – до поставување на водовод и канализација, и сето тоа пред камерите на одредени медиуми. Тој беше надлежен за сите институции. Сега веројатно и Мицкоски сака да ги решава сите проблеми во државата.
Опозициската СДСМ се фати на фрлената јадица, па се истрча да му ги достави документите како што го нарекоа „самопрогласениот обвинител, кадија и врховен судија“. Но, истите документи не ги доставија до Обвинителството за да се покрене истрага.
Владата на Мицкоски експресно ги разгледа и очекувано ги отфрли наводите како неточни и шпекулативни.
Ако дури и опозицијата доказите (документите) за наводен сторен криминал и корупција, наместо да ги достават до ОЈО, тие решија да ги достават до Мицкоски, тогаш се поставува прашањето – Дали ни треба судство и обвинителство, ако Мицкоски (Владата) се самоназначи за кадија и судија?
Преземено: Цивил Медиа