Средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија се трошат наменски. Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат тие средства, така што нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење. Тоа денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски во Неготино, во врска обвинувањата од опозицијата за ненаменско трошење на средствата.
Мицкоски посочи дека опозицијата може сешто да каже, но оти за се што е кажано треба да постојат докази.
– И да сакаме не можеме, Владата донесе уредба, одредени се начините како можат да се трошат средства од кредитот, рече тој.
По однос самите средства обезбедени преку кредитните линии од Унгарија, тој посочи дека интересот е исклучително голем. Според информациите со кои располага, а за што, како што рече, на дневна основа го брифирала министерката за финансии, Мицкоски истакна дека само една од банките има побарувања во износ од 180 милиони евра за финансирање проекти.
– Кога ќе ги собереме сите банки, тој износ изнесува повеќе од 350 милиони евра, што значи дека и овие 250 ќе бидат малку. Можеби ќе треба повторно да ги користиме нашите пријатели и сојузници надвор од Македонија за нова кредитна линија под ултра поволни услови. Гледаме дека ова е начинот како да го развиваме стопанството, рече тој.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција побара одговор од Владата дали парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена.
Филипче рече дека до нив стигнуваат информации и од повеќе банки и од повеќе компании. Информциите од банките, според Филипче се дека веќе не може да примаат апликации на компаниите за парите од унгарскиот кредит, поради тоа што Владата нема да може да им ги исплати парите, како и дека бројот на апликации е сосема мал.
-Македонските компании требаше да добијат финансиска поддршка од унгарскиот кредит, меѓутоа засега нема никакви податоци за негово навистина ефикасно делење и спроведување. До нас стигнуваат информации за коишто сметаме дека Владата треба да одовори, а тоа е дека парите коишто беа наменети за компаниите од унгарскиот кредит практично се потрошени за друга намена, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.