Со изведување на докази од страна на одбраната во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кое се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Денеска беа изведени материјални докази од одбраната на Ѓорчевски, а беше сослушан и сведок на предлог на одбраната на Палевски.
Одбраната на обвинетиот Боре Видевски на почетокот од денешното рочиште предложи изведување на доказ за тортура при приведувањето на Видевски, но предлогот не беше прифатен.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, продолжи со изведување на материјални докази. Меѓу доказите беа прочитани решенија за данок на имот на име на неговите ќерки, Вања и Миња, барање за доставување информации од Хелсиншкиот комитет за човекови права од 10.5.2024 година, лекарски извештај од Аџибадем Систина од 16.5.2024 година, новинарски извештаи од Канал 5 телевизија од 27.11.2023 и од Телма од 23.11.2023, како и изјава на мајката Зорица Ѓорчевска за ММС, во врска со тоа кој прв ја известил јавноста дека девојчето е киднапирано. Беше прочитан и договор за дар на недвижност на малолетните деца Вања и Миња од 10.4.2023 година, заверен во Град Скопје.
Одбраната изјави дека го искористила правото за дел од сведоците кои претходно беа предложени за испитување, останува само испитувањето на Александар Ѓорчевски.
Јавниот обвинител во однос на предложените докази за данок за имот изјави дека истите не се доказ дека наведените лица се стекнале со имот и се заведени во имотен лист во агенцијата за катастар на недвижности, туку, склучениот договор кај адвокат со кој е оставен имотот на Вања и Миња Ѓорчевски е проследен со Град Скопје каде што се евидентира затоа што даропримачите се наследници од прв наследен ред и се ослободени од давачки.
-Ова не значи дека предметниот стан е заведен во имотен лист сопственост на Миња ниту пак станот на Булевар „Партизански одреди“ на име на Вања, рече обвинителката.
Во однос на новинарските извештаи, според неа, новинарот пренесува информации како што тој го гледа настанот.
Во продолжението од денешното рочиште на предлог на одбраната на Палевски, беше сослушан сведокот Зоран Петковски, член на комисијата за безбедност во политичката партија Десна. Претходно, Судот наложи на одбраната на Палевски да достави единствена листа на докази.
Сведокот Петковски сведочеше за комуникацијата со Љупчо Палевски на 27 ноември 2023 година.
-Комуникацијата со Љупчо Палевски беше во раните утрински часови меѓу 8:20 и 9:00 часот на таен канал за електронска комуникација преку телеграма апликација креиран од Љупчо Палевски, изјави Петковски.
Тој додаде дека разговарале на тема ирански дронови и нивната набавка од Србија, односно трансфер преку Србија од Иран.
Петковски, исто така, сведочеше за состанокот со началникот за насилен криминал Дејан Димовски и ВД претседателот на ПП Десна, Тони Алексовски, на 5 февруари 2024 година.
-Во телефонски разговор помеѓу началникот за насилен криминал Дејан Димовски и Тони Алексовски, вд претседател на политичка партија „Десна“ бевме повикан да се јавиме на 5 февруари 2024 година, а во врска со затворањето на просториите во кои што се наоѓаше партијата. Вклучив уред диктафон на кој што го снимив целиот разговор. Разговорот течеше коректно и пријателски, се одвиваше во работната просторија на началникот Драган Зарински, на кој, покрај него, присуствуваше и началникот Дејан Димевски и уште еден инспектор за кој не знам податоци бидејќи не се легимитираше, рече тој.
Дополни дека откако се запознале, разговорот траел час и 15 минути и во него им биле изнесени информации поврзани со кривично правните настани од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и Скопје.
-Откако виде дека се работи за поранешни припадници на борбените сили, Тони е професор на Михајло Апостоловски академија, јас бев на центарот за обука на МВР, разговорот премина во пријателска атмосфера на кој ни беа изнесувани и моменти и информации поврзани со кривично правните настани од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и Скопје. Некаде после 50 минута од разговорот, 54 минута од снимениот разговор ми се обрати инспекторот Драган Зарински лично мене, јас седев во неговата канцеларија до самиот влез од негова лева страна на бирото, до мене од мојата лева страна седеше началникот Дејан Димевски, пред мене Тони Алексовски, а во крајниот агол до прозорецот инспекторот за кој немам податоци. Драган Зарински ме праша кратко и јасно, „го познаваш ли Боре?“, на што му одговорив потврдно да, го знам и го познавам. Веднаш потоа, ми покажа со десна рака, десно од неговиот работен стол, дупка во ѕидот и ми кажа „ете тоа е од Боре, толку и ова не смеам да ти го кажувам, меѓутоа користевме стари методи за добивање на признание“. Не ми е чудно затоа што и самиот потекнувам од таква структура меѓутоа, сметам дека е битно, ако признанието на Боре е изнудено со сила, односно со тепање, мислам дека судот треба да го земе предвид тоа, рече сведокот.
Дополни, „инспекторот Зарински продолжи дека додека го тепал Боре, Кешишов седел пред вратата и слушал и продолжи со зборовите, кога влезе Влатко ми кажа Боре и Вељо, тие ми го донесоа во ѓепекот, каде што го преземав“.
На прашањето од јавната обвинителка дали ја чува комуникацијата со Палевски, одговори негативно, поради тоа што, како што рече „каналот беше направен од Палевски и после половина час се брише“.
Сведокот одговори потврдно на прашање на Судот дали Палчо знае да работи со уреди.
-Јас сум дипломиран ИТ стручњак, специјалист за хидроакустика од ЈНА, електротехничар и сметам дека она што го видов кај него, дека добро владее со ИТ секторот, тоа значи дека добро ги владее уредите и средствата за електронска комуникација, рече тој.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е судијката Жаклина Трајковска, судењето продолжува на 5 март.