Судот на БиХ донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
Додик веќе подолго време се заканува со радикализација, отцепување од БиХ, а неретко имплицира и оружена пресметка за да ги оствари своите замисли. Само неколку дена пред пресудата, тој се закани со „ќе ја вратиме војската на РС“, озлогласената паравоена формација под водство на воениот злосторник Ратко Младиќ кој раководеше и со геноцидот во Сребреница. Сега тој се соочува со затворска казна и забрана за учество во власта.
За значењето на пресудата и импликациите што може да ги има таа врз политичката ситуација, но и во поглед на стабилноста и безбедносната состојба на БиХ и регионот, за ЦивилМедиа говори претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ.
ЦИВИЛ МЕДИА: Како ја коментирате пресудата на Судот на БиХ против Милорад Додик?
ХОЏИЌ: Милорад Додик денес доживеа сериозен пораз од државата Босна и Херцеговина. Тој се обидуваше денешната пресуда да ја спречи со закани за безбедноста во државата и закани по територијалниот интегритет. Заканите не му успеаја и тој е сега веќе осуден човек. Со оглед дека БиХ е демократска држава, Додик има право на жалба. Откако опциите со заканите пропаднаа, како и секој авторитарен лидер, така и Додик има свој план “Б”, а тоа е бегство од државата. И тој план Додик несвесно ни го открива, кажа дека бил одма контактиран од Виктор Орбан и Александар Вучиќ после пресудата. Да бидам искрен очекувам да биде контактиран и од Иван Стоиљковиќ, во име на македонската влада.
ЦИВИЛ МЕДИА: Се работи за првостепена пресуда… Што ќе се случи ако апелацискиот суд му ја намали или укине казната на Додик?
ХОЏИЌ: Имено, станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а ќе стане таква откако одбраната и обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на Судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година. Да немате дилема, пресудата ќе биде спроведена. Сега е на потег одбраната на Додик.
БиХ е држава во која владее правото и секако ќе се спроведе било каква и да е пресуда на апелацискиот суд.
Овде дозволете да нагласам дека постојат јасни елементи за дополнителни судски постапки против Милорад Додик, за други (не)дела.
ЦИВИЛ МЕДИА: Можеме ли да очекуваме сега тој да заврши како азилант во Будимпешта? Иако Србија му е секако е поблиска опција…
ХОЏИЌ: Да Ве потсетам и Вас и Вашите читатели. Еден авторитатрен политичар, каков што беше Никола Груевски е веќе во бегство кај Виктор Орбан.
Во денешен контекст, се поставува друго прашање: Колку долго Виктор Орбан и Александар Вучиќ би можеле да му дадат засолниште на Милорад Додик? Ова прашање е легитимно, имајќи го предвид опозициското расположение и во Унгарија, како и протестите против режимот на Вучиќ во Србија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Додик веќе подолго време се заканува со радикализација, отцепување од БиХ, а неретко имплицира и оружена пресметка за да ги оствари своите замисли. По оваа пресуда, не е исклучена понатамошна радикализација и закана по безбедноста и стабилноста во БиХ и регионот. Што мислите Вие?
ХОЏИЌ: Босна и Херцеговина имаше сила да ја порази агресијата од Слободан Милошевиќ, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, кога против себе ја имаше ЈНА која тогаш беше сериозна воена сила. Денес Босна и Херцеговина само порази едно диктаторче во обид, кое имаше логистичка поддршка од Путин, Орбан и Вучиќ, како и аплаузи од недемократската јавност во Скопје.
ЦИВИЛ МЕДИА: Србија е тешко вооружена и не се колеба да ѕвецка со оружјето. Дали – ако дојде до безбедносни инциденти – очекувате Србија да интервенира во одбрана на Додик? Како мислите дека ќе се развива ситуацијата во овој контекст?
ХОЏИЌ: Моето мислење е дека во овој момент и од Србија насоките кон Додик се да не создава безбедносни проблеми. Никој нема дилеми дека Србија логистички би го помагала режимот на Додик. Но до која граница би идело тоа?
Цената која Вучиќ и Србија ја плаќаат за логистичката поддршка на деструктивната политика на Додик е дека тој во одбрана на својот систем сака Србија да ја внесе и во конфликт за своите потреби. Но и потребите на Путин.
Дозволете да Ви укажам на еден друг агол, а тоа е дека опозицијата во ентитетот РС знае дека Додик е авторитарен лидер, со големо богатство стекнато во разни коруптивни активности. Тие знаат дека Додик нема мотив да ги брани правата на српскиот народ кој живее во БиХ, туку има цел да опстане на власт по секоја цена. Опозицијата на Додик на своја кожа го има осетено недостатокот на демократски капацитет на лидерот на босанските Срби. Ист став за Додик има и дел од демократската опозиција во Србија.
Значи, по прашањата поврзани со Додик, поделен е српскиот кампус и во БиХ и во Србија. Тоа ја отежнува позицијата на Србија да влезе во нова воена авантура.
Дополнително, не е тајна, цел свет знае дека Путин со години го охрабрува Додик да создаде безбедносни предизвици на Западен Балкан. Позицијата на Србија и денес е да балансира помеѓу Западот и Русија. Ова е уште поголем аргумент дека Србија не би требало да се вклучи во нова воена авантура.
И на крајот, во БиХ во годините после војната има развиено сериозна наменска индустрија, која извезува оружје во стотици милиони долари. Денес новата војна би изгледала многу поинаку од онаа во периодот 92-95 година. Ова мислам дека е најголемиот аргумент кој би ја одвратил Србија од нова воена авантура. Србија лошо би поминала ако влезе во воена авантура заради него.
Џабир Дерала / Цивил Медиа