Новинарката на Радио Белград, Милена Божовиќ денеска им се обрати на студентите пред зградата на Радио телевизија Србија (РТС) во Белград, но и на нејзините колеги кои ги покани да излезат и да им се придружат, јави Бета.
Група вработени во РТС, членови на неформалната група „Наш протест“ се собраа пред зградата на јавниот сервис, која од синоќа е блокирана од студенти.
„Ние сме вработени во РТС и тука сме да ја браниме честа и угледот на нашата куќа и нашата професија. Од првиот ден ги поддржуваме студентите во нивните барања. Ги покануваме сите наши колеги да ни се придружат овде. Ако мораа да влезат преку скали и тајни премини, нека дојдат овде кај нас и барем нека излезат како луѓе“, им порача Божовиќ на колегите.
Студентите и граѓаните кои ја блокираа РТС одговорија со извици „излезете надвор“ и „исполнете ги барањата“.
Од синоќа блокирани се сите три официјални влеза во зградата на РТС. Вработените, сепак, дошле на работа влегувајќи низ ходникот и прозорецот од подрумот од кој биле исечени решетките за да се овозможи влез.
Протестите почнаа откако новинарка на РТС ги оквалификува студентите во блокада како – „орда“ (rulja).
Студентите кои синоќа околу 23 часот го блокираа влезот во зградата на РТС, ноќта ја минаа пред јавниот сервис. Граѓаните во се поголем број доаѓаат да им се придружат на студентите, а дел од нив се и тука од синоќа. Студентите направиле човечки ѕид и не им дозволуваат на вработените да влезат во зградата, но секој што сака може да ја напушти.
Студенти сведочат дека синоќа биле тепани од жандармеријата, додека на снимките од социјалните мрежи јасно се гледа дека полицаец кој имал повредено око бил удрен со тупаница во лицето од неговите колеги, пренесува Н1.
И покрај очигледните докази дека полицаецот е удрен од свој колега, српскиот претседател Александар Вучиќ објави слика со полицаецот за кој рече дека е повреден пред зградата на РТС, тврдејќи дека полицаецот бил „удрен со тупаница од болшевички пленумци пред зградата на РТС“.
Поврзано: