По завршувањето на изградбата на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“, за што денеска беше поставен камен-темелник, граѓаните од двете страни на границата ќе ја интезивираат културната размена, економската и туристичката соработка, истакнаа учесниците на денешната свеченост што се одржа на брегот на Преспанско Езеро, во непосредна близина на селото Долно Дупени.
Според градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, проектот финансиран од ЕУ и имплементиран од УНДП, е значаен затоа што ќе ја заживее Преспа
-Се надевам на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе, се разбира и локалното население да го види својот бенефит од овој проект. Покрај овој проект ние заедно со ЕУ работиме и на еден исто така голем проект кој се вика ЕУ за Преспа, којшто е во финална фаза, во вредност од околу 20 милиони евра и тој содржи изградба на канализациони системи со прочистителни станции во седум села, крајбрежјето на Преспанско езеро, повик за култура, повик за туризам, повик за земјоделие, повик за заштита на животната средина и други.
Најголемиот дел од овие веќе се започнати, посочи Тозиевски, домаќин на денешната свеченост во Преспа.
Денеска е посебен ден за Преспа, нагласи и премиерот Христијан Мицкоски затоа што, како што рече, овој граничен премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете преспи од едната и другата страна на границата.
-Ваквите примери се позитивни и за двете држави. Во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави, нагласи Мицскоски, а запрашан дали го променил мислењето за Преспанскиот договор, премиерот посочи дека никогаш не го променил неговото мислење, и додаде, до ден денес го имам истиот став, Но исто така уште пред 6 години сум кажал дека тоа е реалност. И ако сакакме да бидеме реал политичари, тогаш мора реалноста да погледаме во очи. Јас не сум човек којшто политиката ја гледа како замислена работа, туку политиката е практично уметност на можното, изјави премиерот Мицкоски.
Ставањето на камен-темелник на граничниот премин „Маркова Нога“ како исклучителен настан и нова ера го посочи и амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас.
-Денеска е историски ден во вашата земја. Визијата на ЕУ за преспанскиот регион е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа. Најважно е да се има визија која што ќе биде фокусирана од луѓето за луѓето, и исто така визија која што ќе биде фокусирана на размената на искуствата од трите страни на границата, ќе има економски развој, економската одржливост како и зачувување на Преспанското езеро, која што не е само природно наследство на преспанскиот регион, туку исто така се смета и како европско наследство, истакна амбасадорот на ЕУ во земјава, Рокас.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан нагласи дека ќе се заложат навремено да бидат завршени градежните работи, со коишто одново ќе се изгради граничниот премин на „Маркова Нога“, на којшто ќе работат УНДП, заедно со своите партнери, локалните власти,националните институции и Владата, а сето тоа финансирано од ЕУ.
-Изградбата на овој граничен премин ќе покаже дека економскиот напредок и изградбата на овој прекуграничен премин, можат да одат рака под рака со одржливоста и заштитата на во животната средина, додаде Григоријан.
Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.
Со отворањето на овој граничен премин се очекува да се отвори простор за економска, туристичка соработка и културна размена меѓу двете држави. Повторното отворање на граничниот премин беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.
Граничниот премин Маркова Нога – Лемос е затворен повеќе од 50 години, а преку него порано се поминувало само со лична карта.
Според легендата на локалното население, граничниот премин „Маркова Нога“ е именуван според месноста „Маркова Нога“ каде се наоѓа камен, чудо на природата, за кој се верува дека ја чува трагата од стапалото на Крале Марко. Каменот со трагата од „Марковата Нога“ е изложен во истоимената караула до граничниот премин.