Заврши дваесет и двечасовната блокада на влезовите во зградите на Радио телевизија на Србија (РТС) и Радио телевизија на Војводина (РТВ).
Студентите кои во понеделникот вечерта околу 23 часот го блокираа влезот во зградата на РТС, ноќта ја минаа пред јавниот сервис. Граѓаните им дадоа поддршка на младите и ноќта ја поминаа со нив.
Редарите од редовите на студентите, формира жив ѕид и не дозволуваа вработените да влезат во зградите, но секој што сакал можел да излезе. Пред зградата на јавниот сервис им се обратија дел од вработените во РТС кои ги поддржуваат студентите и ги повикаа колегите да им се придружат.
Новинарката и уредничка на Радио-телевизија Србија (РТС), Бојана Млаѓеновиќ, се извини што ги нарече студентите „руља“ за време на разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Таа изјави дека нејзиното прашање до Вучиќ било извадено од контекст и дека во јавноста погрешно се толкува.
– Во еден момент од разговорот со претседателот, го прашав што ќе се случи доколку „ордата (руља)“ тргне кон студентите во Пионирскиот парк, алудирајќи на неговите тврдења за тоа кој сè ќе се најде во масата што ќе им се приклучи на студентите на протестот закажан за 15 март. Веднаш по одговорот на претседателот прецизирав дека студентите никако не ги сметам за „руља“, туку дека зборот се однесуваше на оние што, според него, имаат намера да применат насилство, прецизираше таа.
Млаѓеновиќ додаде дека сака да ја искористи оваа прилика да ѝ се извини на јавноста „за самата употреба на таков збор во каков било контекст“.
– Тој збор, инаку, не е дел од мојот новинарски речник – порача таа.