Неколку илјади граѓани на Јавниот собир на повик на иницијативата „Кој е следен?“, денеска на плоштадот Македонија во Скопје оддадоа почит и побараат одговорност и правда за настраданите во страшната трагедија во Кочани.
„Лесно запалива држава“,„Ќе немаше волку крв ако се беше по закон“, „Парите со крвави раце ги броите“, „Од алчност децата ги претворивте во пепел, а родителите ги завивте во црно“, „Вашиот систем уби една цела генерација иднина“…, беа дел од паролите што ги носеа присутните граѓани.
Собирот кој траеше повеќе од еден час, започна со 16 минутен молк. Создавајќи ѕвездено небо присутните изразија сочувство и заедништво.
Граѓаните палеа свеќи и положија цвеќе.
Тишината провејуваше за цело време на собирот. Молкот зборуваше за достоинството и почитта на граѓаните за настраданите.
Овој молк беше премногу гласен и јасен – Одговорност и правда за жртвите во трагедијата во Кочани, мора да има!
Фото и прилог: Ј. Ѓорѓиоски / Фронтлајн.