Мојот телефонски разговор денеска со рускиот претседател Владимир Путин беше многу добар и продуктивен, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.
-Се договоривме за итен прекин на огнот во енергетскиот и инфраструктурниот сектор, договоривме да работиме брзо за да постигнеме целосен прекин на огнот и на крајот да ставиме крај на оваа ужасна војна меѓу Русија и Украина, напиша тој.
Трамп го повтори своето тврдење дека војната никогаш немаше да започне доколку тој беше претседател во февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина.
-Се разговараше за многу елементи од мировниот договор, вклучувајќи го и фактот дека илјадници војници беа убиени и дека и претседателот Путин и претседателот Зеленски би сакале тој да биде прекинат, напиша Трамп.
Белата куќа и Кремљ објавија писмени изјави за условите за прекин на огнот.
Путин јасно стави до знаење дека нема намера да отстапи од своите максималистички барања. Тој очекува Украина целосно да се откаже од странската воена помош и разузнавачка поддршка, како и да ја запре мобилизацијата, доколку навистина сака прекин на огнот, објави Би-Би-Си.
Клучните поенти од соопштението на Белата куќа по разговорот меѓу Трамп и Путин се:
- Трамп и Путин зборуваа за „потребата од мир и прекин на огнот“ во војната во Украина, согласувајќи се дека треба да заврши со „траен мир“.
- Ја истакнаа потребата од подобрување на односите меѓу САД и Русија.
- Лидерите се согласија дека „движењето кон мир“ започнува со прекин на огнот врз енергетската инфраструктура, како и преговори за спроведување на поморскиот прекин на огнот во Црното Море.
- Разговараа и за Блискиот Исток „како регион на потенцијална соработка за да се спречат идни конфликти“.
- Тие разговараа за потребата „да се запре ширењето на стратешкото оружје“.
- Го споделија ставот дека Иран никогаш не треба да биде во позиција да го уништи Израел.
- Накратко, во соопштението на Кремљ се вели:
- Путин ја поддржува идејата на Трамп Украина и Русија да престанат да ја напаѓаат енергетската инфраструктура на 30 дена.
- Ќе започнат преговорите за безбедноста на поморството во Црното Море.
- На 19 март Русија и Украина ќе разменат 175 воени заробеници, а 23 тешко повредени украински војници кои се лекуваат во Русија ќе бидат испорачани на Украина.
- Кремљ бара да нема мобилизација или повторно вооружување во Украина за време на 30-дневниот прекин на огнот.
Разговорот е оценет како „искрена размена“ на мислења и ставови, а Трамп, очекувано, разговорот го нарече „конструктивен и продуктивен“.