Не само што се иселуваат, туку се повеќе граѓани се откажуваат и од албанските пасоши, што го потврдуваат и податоците на Министерството за внатрешни работи, но и Евростат.
Според податоците на МВР, во текот на минатата година, од албанско државјанство се откажале 900 лица, што претставува највисока бројка досега, во една календарска година. Во споредба со 2023 година, оваа бројка е зголемена за 6 отсто, како одраз на растечкиот тренд на напуштање на албанското државјанство, објави СКАН телевизија.
Демографските податоци потврдуваат дека повеќето од нив се млади. Според податоците на Институтот за статистика, лицата на возраст од 15 до 35 години сочинуваат повеќе од половина од оние кои ја напуштиле земјата и аплицирале да живеат и работат во странство.
Од друга страна, податоците на Евростат, покажуваат дека во последните 20 години државјанство на една од земјите на Европската Унија добиле над 521 илјада албански државјани. Еден од факторите зад оваа појава е тоа што во некои земји каде што Албанците емигрираат, за добивање државјанство на земјата домаќин е потребно откажување од државјанство на матичната земја, наведува телевизијата.
Констатира дека ова е јасен показател за високите стапки на емиграција и интеграција на Албанците во европските општества „честопати жртвувајќи го своето државјанство по потекло за нови животни можности“.