Покрај партиципацијата и зголеменитe давачки за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, кои на одредени факултети достигнуваат и до 4.000 денари, студентите на некои факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) плаќаат и сума за презапишување на предмети повисока од предвидената во унифицираниот тарифник на универзитетот, воведен минатата година.
Според информациите на Мета.мк добиени од студентите, тие на Машинскииот и Правниот факултет имаат дополнителен трошок за презапишување на предмет, а кој не е предвиден во ценовникот потпишан од сите факултети на УКИМ, ниту пак, спаѓа во материјални и онлајн ресурси.
За „консултации и поддршка“ – 1.200 денари
Според унифицираниот тарифник на УКИМ, кога студент презапишува предмет, треба да доплати одредена сума, во зависност на кредитите што ги има предметот.
Па така, за редовни студенти во државна квота, презапишување на предмет од 4 кредити изнесува 13 евра во денарска противвредност, предмет од 5 кредити изнесува 17 евра во денарска противвредност, предмет од 6 кредити изнесува 20 евра во денарска противвредност а предмет од 7 кредити изнесува 23 евра.
Сумата се удвојува за студентите во приватна квота.
Но, овој семестар, студент на Правниот факултет оди во студентската служба да завери семестар каде за прв пат слуша дека е воведена нова давачка. Оттаму му велат дека освен 1.200 денари за предмет од 6 кредити, треба да доплати уште 1.200 денари, за т.н „консултации и поддршка“.
„Отидов на студентски прашања со уплатници за партиципација, уплатници за материјални и дигитални трошоци и плус уплата за презапишување на предмет. Ми го задржаа индексот и ми рекоа дека за презапишување на предметот треба да доплатам уште 1230 денари, за „консултации и поддршка“. Ми рекоа дека ова е нешто ново. Прв пат слушнав за ваков трошок,“ вели студент од трета година.
Во официјалното соопштение на Правен факултет за уплата на семестар, во кое нагласуваат дека дополнителните трошоци се намалуваат од 5.500 денари на 4.000 денари, нема известување за студентите за дополнителен трошок при презапишување на предмет, ниту пак успеавме да најдеме соопштение на официјалната веб-страница на факултетот.
Различни студенти добиле различно објаснување за овие 1.200 денари – на некои им била кажано дека мораат да платат за „консултации и поддршка“, а на други им кажале дека ова е казна за тоа што испитот не е положен, иако студентите веќе плаќаат за нивните ЕКТС кредити. Но, заедничко за сите верзии е што парите легнуваат на една сметка.
Од Правниот факултет и од Факултетското студентско собрание при факултетот, не добивме одговори на нашите прашања во врска со оваа тема.
За презапишување предмет по трет пат – 3.000 денари
Инспирација за овие давачки се чини дека е Машинскиот факултет, кој веќе подолго време наплаќал ваква сума за презапишување на предмети.
Во инструкциите за плаќање и запишување на семестар за 2024/2025 година, пишува дека студентите кои заклучно со августовската/септемвриската испитна сесија не ги положиле испитите од зимскиот семестар од претходната учебна година, должни се истите да ги презапишат и да извршат дополнителна уплата во висина од 1.200 денари за секој првпат презапишан предмет, а по 3.000 денари за секој вторпат, третпат и повеќе пати презапишан предмет.
На оваа сума, се додаваат и ЕКТС кредитите во висина зависна од бројот на кредити што го носи предметот.
Од Машинскиот факултет објаснуваат дека цената не е променета од 2007 година, а усогласувањето со унифицираниот ценовник е терминолошко.
„Давачката е согласно Одлуката за утврдување на висината на надоместокот за презапишување наставни предмети за студентите што студираат по кредит – трансфер системот од 2007 година и нејзина измена од 2024 со која истата е усогласена со новиот ценовник на УКИМ (цената не е променета од 2007 година, а усогласувањето е терминолошко)“, објаснуваат од факултетот.
Според нив, сумата ги покрива дополнителните непланирани ресурси кои се ангажираат при презапишување на предмети како организирање на повторна настава и повторно ангажирање на ресурси за студентот.
Студентите на 12 факултети немаат вакви давачки
Мета.мк се обрати до сите други факултети при УКИМ, а до пишувањето на овој текст, од нив, на прашања во врска со вакви давачки ни одговорија 12 факултети, кои велат дека немаат вакви побарувања, односно дека студентите го плаќаат само трансферот на ЕКТС кредити.
Унифицираниот ценовник или Анекс на Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапките за студирање на прв (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии), беше донесен лани, за да се изедначат цените за услугите на сите факултети.
Студентите на УКИМ за иста услуга плаќаа различни цени на различни факултети. Така, Потврдата за редовен студент, службите за студентски прашања на едни факултети ја наплаќаа по 200 денари, на други по 100 денари, а на трети – како на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – беше бесплатна. Но, и по овој ценовник, се чини дека презапишувањето на предмети не е изедначено за сите факултети и студенти.
„Ги хармонизиравме школарините на цел УКИМ. Сите услуги што ги плаќаат студентите се усогласени. Некои факултети имаат дополнителни трошоци за материјални ресурси и пристапи до мрежи кои се специфични за нивните програми. Така што, некои факултети имаат воведено давачки, а други ги имаат намалено и усогласено. Сите сервиси што ги имаат студентите сега се усогласени и по иста цена ќе се плаќа на сите единици на УКИМ, односно направено е усогласување меѓу студентите и меѓу единиците“, изјави лани ректорката на УКИМ за Мета.
Преземено: Мета.мк