На домашна агенда на ЕУ не може да се гледа одвоено од глобалните случувања, како што се заканите по глобалните просперитет и стабилност и растот на протекционизмот, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата посветена од заклучоците на Самитот на Унијата одржан на 20 март.
– Кога започна сонот за обединета Европа, тој започна со едноставна идеја: Да создадеме еден единствен пазар. Да ги скршиме бариерите и да ги намалиме царините. Тоа е она што не направи силни… Потоа во истиот дух, работевме со партнерите ширум светот – вклучувајќи ја и Америка. Изградивме врски за кои верувавме дека се нераскинливи, рече Фон дер Лајен.
Токму поради ова, според неа, многу Европејци се чувствуваат крајно обесхрабрени од најавите од САД за царините за увозот на челик, алуминиум, автомобили и автоделови, по што ќе следат и секторите за полупроводниците и фармацевтските производи и дрвната индустрија, а потоа може да се очекуваат т.н. „реципрочни царини“.
– Да бидам јасна: Европа не ја започна оваа конфронтација. Мислиме дека е погрешна. Но, мојата порака до вас денес е и дека имаме се што ни е потребно за да ги заштитиме нашите луѓе и нашиот просперитет. Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме сила да преговараме. Имаме моќ да возвратиме. И народот на Европа треба да знае: Заедно секогаш ќе ги промовираме и браниме нашите интереси и вредности. И секогаш ќе се залагаме за Европа, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека царини ги прават работите полоши, а не подобри, повторувајќи го својот претходно изнесен став дека царините се даноци за Американците за нивните намирници и нивните лекови, кои ќе ја поттикнат инфлацијата.
– Американските фабрики ќе плаќаат повеќе за компоненти што се произведуваат во Европа. Ова ќе чини работни места. Ќе создаде бирократско чудовиште од нови царински процедури, а денес тоа никому не му треба – ниту во САД, ниту во Европа, рече претседателката на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен потенцира дека ЕУ е отворена за преговори затоа што сака решение преку разговори насочено кон постигнување трговски биланс на стоки и на услуги, ќе продолжи да ја диверзифицира трговијата со други партнери преку трговски договори и ќе го удвои својот единствен пазар.
– Европскиот парламент отсекогаш работел напорно за да го заокружиме единствениот пазар. Сега имаме генерациска можност да го завршиме тоа, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), бариерите на европскиот внатрешен пазар се еквивалентни на царини од 45 отсто за производство и 110 проценти за услуги.
Таа нагласи дека тоа мора да се промени веднаш и за таа цел го задолжила извршниот потпретседател на ЕК за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне веќе следниот месец да предложи „конкретни и смели предлози“ за отстранување на некои од бариерите на европскиот пазар и за спречување на појава на нови.
– Овие реформи се задоцнети. И сега тие станаа поитни од кога било досега. Во бурна глобална економија, Единствениот пазар е наше безбедно пристаниште. Триесет години откако Жак Делор го постави неговиот камен-темелник, време е да ја завршиме работата, нагласи Фон дер Лајен.