Милиони луѓе организирани од продемократското американско движење учествуваа на повеќе од 1.400 протести насловени „Hands off (Рацете настрана)“, низ сите 50 сојузни држави на САД против претседателот Доналд Трамп и американскиот милијардер Илон Маск, кој е на чело на Одделот за ефикасност на владата (ДОГЕ), објавија Си-Ен-Ен и други медиуми.
Организаторите на демонстрациите велат дека се против, како што го нарекуваат, „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи од страна на Трамп и Маск.
„Без разлика дали сте мобилизирани од нападите врз нашата демократија, намалувањето на работните места, нарушувањето на приватноста или нападот врз нашите услуги – овој момент е за вас“, се вели во флаерите на протестите. „Ние тргнуваме да изградиме масовно, видливо, национално отфрлање на оваа криза“.
Протести се одржаа во главните градови на американските држави, федералните згради, канцелариите на Конгресот, централата за социјално осигурување, парковите и градските сали низ САД.
На протести од страна на организаторите беа поканети сите кои се противат, меѓу другото, на нападите врз демократијата, кратењето на работните места, депортацијата на мигрантите и отстранувањето на правата на ЛГБТК заедницата, да се приклучат на демонстрациите.
Организаторите велат дека имаат три барања: „да се стави крај на милијардерското преземање и неконтролираната корупција на администрацијата на Трамп; да се стави крај на намалувањето на федералните средства за Медикеид, социјалното осигурување и другите програми на кои се потпираат работниците; и крај на нападите врз имигрантите, транс луѓето и другите заедници“.
Организаторите на протестот вклучуваат, меѓу другото, организации за граѓански права, ветерани, групи за правата на жените, работнички синдикати и групи за правата на ЛГБТКју.
Од 28 март, Трамп отпуштил најмалку 121.360 вработени во федералната агенција, според Си-Ен-Ен.
Според организаторите, околу 150 активистички групи се пријавени за учество на протестите.
Некои демонстранти носеа украински знамиња, додека други носеа палестински кефии и натписи „Слобода за Палестина“.
Помошникот на прес-секретарот на Белата куќа, Лиз Хјустон ги оспори обвинувањата на демонстрантите дека Трамп има за цел да ги намали трошоците за социјалното осигурување и Medicare за ранливите.
Додека протестите продолжија низ целата земја, Трамп го помина денот играјќи голф на Флорида.
Освен во САД, протести против Трамп и Маск се одржаа и во повеќе европски градови, меѓу кои Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон.
Ј. Ѓ.