Еден од главните предуслови за олеснување или укинување на санкциите на ЕУ кон Русија е прекин на руската неиспровоцирана и неоправдана инвазија врз Украина и безусловно повлекување на сите руски сили од целата украинска територија, порача денеска Европската комисија.
– Санкциите се во сила затоа што Русија започна агресија врз Украина. Прво и основно, Русија мора да запре нејзината агресија. Многу е едноставно да се стави крај на војната. Русија мора да ги повлече своите сили и да и ги врати окупираните територии на Украина. Тоа е почетната точка, изјави заменичката главна портпаролка на Европската комисија, Аријана Подеста во одговор на прашање дали во рамките на поддршката на мировните преговори за Украина, ЕУ планира олеснување на своите санкциите кон Русија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Подеста додаде дека засега нема знаци на добра волја од страна Русија за остварување на овие предуслови и таа продолжува со напади на украинската територија, па затоа пакетот санкции останува во сила и ЕУ продолжува да работиме на тоа да го спречи нивното заобиколување.
– Изнаоѓаме нови начини преку кои можеме да ги ограничиме ресурсите достапни за Русија во нејзината војна против Украина и ќе продолжиме да го правиме тоа се додека не биде обезбеден траен мир за Украина, додаде Подеста.
Портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие потсети дека ЕУ веќе воведе 16 пакети санкции кон Русија, кои вклучуваат широк спектар на мерки и сега работи на нов пакет насочен кон ограничување на можностите за финансирање на војната.
Тој додаде дека Европската комисија ги поздравува сите напори за мир во Украина во согласност со Повелбата на ОН и продолжува со своите дипломатски активности во тој правец на сите нивоа.
– Кога станува збор за мировните разговори нашата позиција е навистина јасна. Украина е таа што треба да ги постави условите за праведен и траен мир и ништо не може да се договори без Украина и без ЕУ, истакна Мерси.
Во однос на предлозите во замена за мир Украина да се откаже од делови на нејзината територија што се под руска окупација, вклучително и од Кримскиот Полуостров, Мерсие изјави дека за ЕУ од клучно значење е зачувување на украинската независноста, суверенитет и територијален интегритет и кога станува збор за Крим, позиција на Унијата е јасна дека тој е дел од Украина.
– Наш приоритет е да осигураме зајакнување на позицијата на Украина и продолжуваме да ја зголемуваме нашата воена поддршка за Украина. Земјите членки се обврзаа на поддршка од 23 милијарди евра за набавка на муницијата оваа година и веќе остварија две третини од оваа обврска, рече Мерсие.
Тој додаде дека колку Украина ќе биде посилна на бојното поле, толку ќе биде и посилна на преговарачката маса, па затоа ЕУ продолжува со поддршка на украинската одбрана, со цел земјата да може да обезбеди долгорочен и траен мир.