Претседателот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, е поставен за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Богојески во јавноста стана познат во 2018 кога како „реформатор и фракционер“ беше разрешен од функцијата заменик генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ. Оттогаш па се до формирањето на Македонски концепт, Богојески делуваше како фракција во ВМРО-ДПМНЕ и голем критичар на Мицкоски за пред последните парламентарни избори неговиот Македонски концепт да влезе во заедничка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа Богојески, не се прослави ни како „реформатор“ ниту како успешен лидер на Македонски концепт, туку како човек кој шири говор на омраза и дезинформации на социјалните мрежи.
На панелот „Говорот на омразата во политиката“, во организација на ЦИВИЛ, (на 20 мај 2021 година) Петар Богојески се обиде неговиот експлицитен говор на омраза пласиран на социјалните мрежи да го прикаже како експеримент и истражување.
„Истражувањето е базирано врз одговори на членовите на Македонски концепт како и на надворешни членови. Ние поучени од праксата од последната кампања решивме да правиме истражување во рок од 60 дена. Тоа значи вклучуваме говор на омраза односно вклучуваме нешто што не сме ние. Ние живееме во омраза. Многу било лесно да бидеш успешен. Говорот на омраза го користевме, во блага мера, за да покажеме дека тука се живее од омраза. За да успееме од 500 гласа да стигнеме до 50.000 гласа треба да се однесуваме и да користиме говор на омраза како политичарите на македонската сцена“, истакна меѓу другото Богојески во своето излагање.
Од мај 2021, поминаа многу повеќе од „60 дена експеримент“ и говорот на омраза на социјалните мрежи стана редовна пракса на Богојески.
Богојески на социјалните мрежи осудувајќи ги протестите за поддршка на Палестинците одржани во Скопје (на 16 мај 2021), со неколку расистички коментари со експлицитен говор на омраза и повици кон активистката Мерсиха Смаиловиќ, предизвика бројни реакции кои одеа во правец на верска, етничка и расна нетрпеливост.
„Фацава циго со коментар за мене – „педеров е исламофоб и рацист“! Ова од сликава коментира“.

Петар Богојески, на својот личен профил во коментар со директни закани, ги прашува Бошњаците дали сакаат уште од случувањата во 90-тите.„Не ви дојде паметот уште? Во деведесетите?! Уште сакате?

Активисти од повеќе граѓански здруженија до Министерството за внатрешни работи поднесоа пријава за говор на омраза и закани до Петар Богојески, тогашен државен советник во Министерството за одбрана.
„На фејсбук страната на политичкиот лидер на партијата Македонски концепт и вработен во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, Петар Богојески, во последните неколку денови континуирано се шири говор на омраза. Со своите објави на фејсбук страната и на приватниот профил, истиот предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Тој, исто така, јавно шири говор на омраза против ромската заедница и припадниците на исламската заедница, кој е во спротивност на темелните вредности на нашата држава“.
Активистката Мерсиха Смаиловиќ истакна дека е чиста лага дека се работи за експеримент од страна на Богојески. Таа нагласи дека се работи за напади кон неа и нејзиниот сопруг, односно, како што вели, поединци кои немаат никаква врска со политиката и додава дека нападите не се поради политички став или локална политика, туку поради верска припадност.

„Не нè нападна поради политички став, нè нападна поради нашата верска припадност, нарекувајќи нè исламисти, терористи и ИСИС. Има уште многу докази дека сега сака да се извлече од последиците на говорот на омраза кој со денови го шири, очекував дека ќе оди: „ми го хакирале профилот“, или лекарско уверение дека имал психолошко нарушување. Но изненадува иновативноста дека сите сме биле дел од „истражување“. Чиста лага која ќе треба единствено на Суд да ја образложи. Нема да му помине неказнето!“, истакна Смаиловиќ.
Министерството за одбрана тогаш покренало постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за Петар Богојески, државен советник за недвижности и правни работи во Министерство за одбрана, поради ксенофобични објави на социјалната мрежа Фејсбук.
„Министерството за одбрана не толерира било каква форма на дискриминација а административните службеници во јавните настапи на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, треба да претставуваат пример за соодветно и достоинствено однесување“, велат од МО.
Богојески за постапка нa МО против него вели:
„Забележав на социјалните мрежи наводна изјава од МО, дека таква постапка е покрената. Таа изјава на МО беше злоупотребена од една терористичко – џихадистичка ќелија во Македонија“, се наведува во дел од одговорот на Богојески.
Лидерот на „Македонски концепт“ Петар Богојески во 2022 година доби отказ како државен советник во Mинистерството за одбрана, по покрената дисциплинска постапка против него. Тој беше отпуштен поради споделен линк од портал на фан-страница, а во врска со руско влијание во македонско-бугарскиот спор и во редовите на МПЦ-ОА.
Говорот на омраза кон Смаиловиќ и после „социјалниот експеримент“, е начин на комуникација и на официлајната фејсбук страница од Богојески:

На неговата фејсбук страница, Богојески упатува вулгарни навреди, етничка, верска и експлицитна омраза. На 24 мај 2021, објави пост во кој вели: „Глумицо една, јас не сум ти крив што се мразиш себе си и кожата ти српска во која си се родила! Не сум јас крив што си го мразиш племето свое од каде потекнуваш!“

Политичарот и водач на Македонски концепт, Петар Богојески кој, како што наведува во својата биографија е докторант по економски науки при УКИМ Скопје, Република Македонија и по политички науки при СУ „Св. Климент Охридски“, Софија, Р. Бугарија, со фото-монтажа, не ги поштеди со вулгарен говор ни Бугарките.

„Бугари не постојат, тоа е политички / државен идентитет! Тие се Македонци или Тракијци или Мизијци!“ – напиша Петар Богојески, лидерот на Македонски концепт на својот Фејсбук профил.
Во неговиот текст со наслов „Печалбари од верата, официјален став на Петар Богојески“, тој промовира и се залага за воведување на „Закон за заштита на државноста“. Како што образложува, се работи за закон за „прочистување“, отрезнување и освестување на еретиците.
„Согласно новиот Закон за заштита на државноста, ќе биде воведено и „прочистување“ на еретици од било која вера, во соработка со легалните верски заедници во Македонија! Еретиците ќе бидат подложени на вистинска вера, на отрезнување, на освестување. Со цел да им помогнеме да го запознаат Бога, онака како што кажуваат Светите Книги, а не „светците печалбари од верата“! Забраната за бурки, џихадизам, печалбарство од вера, инквизатори и сл. останува приоритет на нашите политики!“, пишува Богојески.
Новинарот Дехран Муратов, на панел дискусијата во мај 2021, истакна дека не се работи за експеримент, дека нема никаков дисклејмер – објаснување под текстовите дека е социјален експеримен, и дека ваквата комуникација со говор на омраза на Богојески, е токму тоа што тој ќе го прави во иднина.

„Јас сметам дека ова што го зборувавте не е експеримент, тоа е токму тоа што вие веројатно сакате да го правите во иднина. За 10 години ако напишеме на интернет Петар Богојески – бурки, ќе излезе анализата во која нема никаков дисклејмер дека е социјален експеримент“, рече Муратов.
Повеќе од јасен е одговорот на прашањето дали се работи за „социјален експеримент“ или во борбата за политички поени не се бираат начините да се стигне од „500 до 50.000 гласови“.
ВЛЕН поднесе кривична пријава против Петар Богојески за ширење говор на омраза
Коалицијата „ВЛЕН“ до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук. Кривичната пријава беше поднесена од страна на правниот претставник на Коалицијата, адвокатот Абидин Абдуљи.
-Денеска (24 август 2024) поднесовме кривична пријава против лицето Петар Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук, со тоа што тој со таков говор на омраза стори кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Го поттикнуваме Јавното обвинителство во иднина овие кривични дела да ги гони по службена должност по допир на глас затоа што истите се јавни и се даваат и во секои медиуми, на социјалните мрежи, рече Абдуљи.
Бујаре Абази, потпретседател на Алијансата за Албанците-крилото на Арбен Таравари, смета дека веќе не е време за дигање на рејтинзи во таква форма.
-Граѓаните се уморни и тоа дефинитивно мора да го сфатат сите политичари дека носат одговорност и оти мора да пружиме резултати во нашето работење, а не да сметаме дека со некои такви изјави некој и ќе не поддржува. Таквите изјави дефинитивно никој не треба никој да ги поддржи, рече таа.
И Петар Богојески лидерот на Македонски концепт поднесе кривична пријава за противправно користење на албанскиот јазик и знаме во Македонија, за навреди и омаловажување на Македонија и македонскиот народ.
Лавина дезинформации и обиди за политичка злоупотреба на случајот со монструозното убиство на 14-годишното девојче Вања
Многу дезинформации, лажни вести, шпекулации, полувистини, теории на заговор се проширија за исчезнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Покрај дезинформациите, одредени лица, меѓу кои и Петар Богојески се обидоа од оваа трагедија да продуцираат етнички тензии во општеството и да добијат политички поени. Лидерот на Македонски Концепт, го злоупотреби случајот за политички цели и неуспешен обид да креира меѓуетнички тензии.
„Се обидоа да прикријат убиство на дете! Мартин Нешковски 2! Итно оставка и апсење на Обуџуко (Оливер Спасовски).
Богојески во еден статус пишува дека имал информации дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица и дали веќе се пренесени на Косово?
Додека во друг статус пишува дека „убијците на Вања се ослободени! Нема тројца уапсени, сите пет се ослободени“…
Пропаганда на Петар Богојески против ЦИВИЛ и Дерала
Еден од „похрабрите“ во пропагандата против ЦИВИЛ и Џабир Дерала е Петар Богојески на социјалните мрежи споделувајќи тотална дезинформација, дека ЦИВИЛ и Дерала започнаа со „кампања за поддршка на исламски џихад и Хамас… по насоки на руската пропагандна машинерија!“
„Еве како подло работи оваа ИЗМЕЌАРСКА ВЛАСТ и нејзините КУРИРИ предводени од “serala prodaction”, глумат амери, а срцето им е во Москва!
САМО ДА ПОТСЕТАМ, во екипата имаат апсени терористи во обид да влезат во Газа!“, пишува неуспешниот т.н. политичар Богојески.
Во екипата на ЦИВИЛ ниту имало ниту ќе има место за терористи, мразачи, шовинисти, хомофоби, исламофоби, русофили…
Инаку она што троловите „заборавија“ да напишат дека Џабир Дерала во колумната насловена МАСАКР: Колку мртви и ранети цивили се доволни за одмаздата да биде целосна? меѓу другото пишува:
„Целиот свет е згрозен од нападот на Хамас и го поддржа Израел. Но таа поддршка веќе на самиот почеток од бруталниот одговор на израелската армија почна да слабее, а набрзо и ќе ја изгуби, ако на тероризмот и воените злосторства од Хамас продолжи да одговара со воени злосторства и етничко чистење. (…) Хамас, како и низа други терористички организации, ултрадесничарски и авторитарни политички партии и политичари, недвосмислено и директно се поддржани и спонзорирани од воениот злосторник и диктатор Путин“.
Не е првпат да има тенденциозни и манипулативни објави за ЦИВИЛ и Дерала. Тие траат со години, па и децении.
Пренесуваме само мал дел од „богатиот речник“ на Богојески на социјалните мрежи:
„Ти го изгорам јас нусето по дома на тебе!“
„Шиптар може само коза да ебе! За друго не го бива“.
„На мајкати пичето“.
„До кога стокава либерална ќе се толерира да малтретира нормални деца, студенти? Све тоа треба да се собере по логори да се преваспита!“, пишува Богојески за група пропалестински активисти кои упаднаа на предавање во факултет во Глазгов.
Пред неколку дена и официјално да стане директор на ЕРАЗМУС, тој на социјалните мрежи, а подоцна и во медиумите се правда дека му бил хакиран профилот и дека тоа не бил „негов говор“.
„Ве информирам дека ќе отпочнам правна постапка пред надлежните институции против правни и физички лица, меѓу кои се и одредени политички партии, нивни функционери, невладини организации, самонаречени новинари и поединци поврзани со претходната власт на ДУИ и СДСМ. Овие субјекти се инволвирани во креирање и ширење на лажни информации и материјали, лажни профили на социјални мрежи со украден личен идентитет, лични навреди, дисквалификации, говор на омраза, омаловажување и клевети“, истакна директорот Богојески.
Но, чудни некои „хакер“, откако Богојески станал директор „непознатите хакери“ престанале да шират говор на омраза и вулгарни коментари на социјалните мрежи во име на директорот Богојески. „Реформирани хакери“!
Добро знаеме дали и колку говорот на омраза, навредите, вулгарностите на Богојески дали се „експеримент“, „хакиран профил“ или „украден идентитет“. Тој може колку сака да се служи со провидни лаги, но едно е јасно – да имавме нормални институции тие ќе го земеа на одговорност, бидејќи еден дел од неговите настапи во јавноста се и кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Во меѓувреме не знаеме ниту дали „експериментот“ со говорот на омраза му донесе „од 500 до 50.000“ гласа како што кажа на панел дискусијата на ЦИВИЛ во 2021, но сигурно му донесе коалиција со Мицкоски и директорско место во ЕРАЗМУС!
Дехран Муратов во соработка со ЦМДТ
Преземено: Цивил Медиа