Гробот на папата Франциск во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим веќе го посетиле повеќе од 70.000 верници, јави денеска римската полиција, а пренесоа италијанските медиуми.
Папата, кој почина на 21 април на 88-годишна возраст, беше погребан во саботата по церемонијата одржана на плоштадот „Свети Петар“, јави Анса.
Неговиот гроб во базиликата беше отворен вчера за посети на верници.
Според неговите сопствени желби, папата Франциск беше погребан надвор од Ватикан, во базиликата „Санта Марија Маџоре“, која многу ја сакаше.
Тој секогаш одеше таму да се моли, пред и по секое патување, потсети Анса.
Поглаварот на Римокатоличката црква во својот тестамент изрази желба да биде погребан во оваа црква, а не во базиликата „Свети Петар“, како повеќето други папи.
На погребот во базиликата „Санта Марија Маџоре“ присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на папата беше пречекан со ѕвона.
Папата Франциск, според сопствената желба, беше погребан во гробница, во мала ниша, помеѓу „Капелата Паолини“ и „Капелата Сфорца“, што е прв пат од 1903 година поглавар на Римокатоличката црква да биде погребан надвор од Ватикан, кога папата Лав XIII беше погребан во Латеранската базилика.
Повеќе од 150.000 верници се збогуваа со папата за време на неговото збогување на улиците на Рим во саботата, додека неговиот ковчег беше носен од плоштадот „Свети Петар“ до базиликата каде што беше погребан, а околу 250.000 други верници присуствуваа на погребот на папата на плоштадот Свети Петар во Ватикан.