Во Старата чаршија во Струмица се воспоставува сообраќаен режим „Зона 30“ со максимално дозволена брзина од 30 километри на час за возилата.
Оваа одлука ја соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку објава на неговиот фејсбук профил и притоа напиша дека целта е подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите, смирување на сообраќајот, како и зголемување на видливоста на трговските објекти на просторот на Старата чаршија.
-Паралелно со воведувањето на мерки за смирување на сообраќајот, се обележува и велосипедска патека заштитена со сообраќајни делинеатори. Оваа улица има широчина од 7 метри, при што паралелното паркирање зафаќа 2 метри, коловозната лента за движење на возила 3,5 метри, а велосипедската патека 1,5 метри, со вклучени заштитни делинеатори, објаснува Костадинов во објавата.
Тој потсетува дека овој режим на сообраќај го оневозможува косото паркирање, бидејќи уште од 2014 година тоа е забрането од полицијата кога беше воспоставено паралелното паркирање како единствено дозволено и означено со хоризонтална и вертикална сигнализација.
Струмичкиот градоначалник смета, а и верува, дека и мнозинството граѓани ќе се согласат оти Старата чаршија има поголема вредност како урбан простор отколку како обичен паркинг за возила.
-Ги замолувам сите граѓани да му дадат шанса на сообраќајниот режим „Зона 30“, кој, според анализите на сообраќајните инженери, ќе придонесе за создавање на побезбедна, попријатна и пофункционална Стара чаршија. Доколку овие согледувања на стручните служби се потврдат и во пракса, Општина Струмица во наредниот период ќе вложи значителни средства за целосно инфраструктурно ремоделирање на улицата според воспоставените параметри.
Костадинов ги повика граѓаните да го почитуваат сообраќајниот режим „Зона 30“ и заеднички да придонесат кон побезбедна и поатрактивна Струмица, бидејќи Старата чаршија имала поголема вредност како урбан простор отколку како паркинг за возила.