Непринципиелната политика на две столчиња, на нејасни позиции каде што не се знае кој е партнер, кој сојузник, а кој противник – заврши! Ова е пораката од „Влен“ упатена до лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари кој најави дека на претстојните локални избори ќе настапи со сопствени листи за советници.
Тројцата лидери на „Влен“ вчера имаа средба со премиерот Христијан Мицкоски, а претходно премиерот имаше средба и со лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
Вчерашната средба, според информациите од Владата, поминала во конструктивна амтосфера, пријателски и партнерски дух. Се разговарало за сите реформски прашања, за борбата против криминалот и промените во системот што го оставиле СДСМ и ДУИ. Од Владата информираа дека разговорите продолжуваат.
Средбата со лидерите на „Влен“ следуваше еден ден по средбата на Мицкоски со претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, која заврши без епилог, со најава дека разговорите ќе продолжат и дека во текот на овој месец ќе биде познато какво ќе биде идното функционирање на АА.
И Таравари вчера реагираше на Фејсбук: „Реакција? Не вреди!“. Од „Влен“ вчера веднаш возвратија порачувајќи дека „нема да бидат потпора за криминал и дека двојните политики им припаѓаат на лицемерните“.
– ВЛЕН нема да дозволи ДУИ да се врати во оваа влада, дури ни низ задна врата. Ниту преку нејзините врски, ниту преку оние кои се лошо фатени во мрежата на олигархијата на криминалот и корупцијата. Партнерството со ВЛЕН не е засолниште за оние кои ги прикриваат врските со криминалот со лажен патриотизам и со измислена виктимизација, порачаа од ВЛЕН.
По средбата со Мицкоски и реакцијата на Таравари, Меџити на својот профил на Фејсбук напиша: „Вечерва Влен одлучи – светлата да се изгаснат за лицемерието“.
– Те поканивме да станеш носител на промени. Стана симбол на Револуцијата на светлата. Иако си губитник во твојот град, делеше „Ефридол“ за ДУИ. Твојата еуфорија беше само за камерите. Ништо искрено. Нема вистинска светлина. Вечерва Влен одлучи – светлата да се изгаснат за лицемерието, напиша Меџити.