Со децении, енергијата увезена од Русија се користеше низ цела Европа: за сѐ од греење на станови во Словачка па до напојување на германската индустрија. Малкумина беа тие што предупредуваа на ризиците од ваквата зависност од нафта, гас и јаглен од еден снабдувач.
На енергетскава идила првиот удар ѝ го нанесе руската анексија на Крим во 2014, но повеќето Европејци ги согледаа опасностите од ваквата состојба дури по нападот врз Украина во 2022. Оттогаш, Европската Унија се бори да се одвикне од својата зависност од руски фосилни горива – и да ги совлада пречките однатре, коишто одредени земји членки ѝ ги поставуваат наспроти овие напори.
Кога почна целосната инвазија, Унијата ја санкционира Русија и презеде чекори да го намали увозот на јаглен и нафта. Сега е сосредоточена на природниот гас. Со оглед што течниот природен гас станува сѐ подостапен низ светот, ЕУ планира да го замени природниот гас од Русија со течен природен гас – по можност од други извори наместо Кремљ.
Пред некој ден, Европската комисија го претстави Планот „Рипауер ЕУ“. Според него, предвидено е „координирано и постепено исфрлање на снабдувањето со енергија од Русија“ до 2027.
„Со Рипауер ЕУ, го разгранивме снабдувањето со енергија и драстично ја намаливме поранешната зависност на Европа од руските фосилни горива. Време е Европа целосно да ги прекине енергетските врски со снабдувач на кој не може да се потпре“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателката на Еврокомисијата.
Втората цел на планот е да му даде засил на свртувањето на блокот кон обновливите извори на енергија. „Ова го правиме за да ја зачуваме нашата безбедност. Но, правиме важен чекор и кон својата енергетска независност. Да произведуваме сопствена чиста и поволна енергија, наместо да увезуваме скапи фосилни горива“, рече еврокомесарот за енергетика Ден Јергенсен.
Но, можеби овие цели е полесно да се постават отколку да се постигнат.
Од Москва со изгор цена
Според Еврокомисијата, уделот на увезениот руски гас паднал од 45 отсто во 2021 на 19 отсто во 2024. Увозот преку гасовод е значително намален, но неколку земји членки на ЕУ почнаа да купуваат повеќе течен природен гас.
Течниот природен гас се транспортира по море, се истоварува во пристаништата, се регасифицира, па се влева во европската мрежа.
Увозот на јаглен е целосно забранет. Увозот на нафта од Русија е сведен на 3% од вкупниот износ, а изнесувал 27% на почетокот на 2022.
Меѓутоа – според проценките на консултантската куќа Кплер, рускиот гас учествувал со 9% во потрошувачката на ЕУ од јануари до април 2025. Русија останува еден од трите најголеми снабдувачи со гас, заедно со Норвешка и Алжир.
А според аналитичкиот центар за глобална енергетика Ембер, увозот пораснал во 2024 за 18% на годишно ниво, главно поради зголемениот увоз во Чешка, Италија и Франција.
Според чешкиот аналитичар Јиржи Тилечек, порастот на увозот на руски гас ги истакнува хроничните проблеми во врска со енергетската безбедност на Европа. „Бизнисот е многу прагматичен и на увозниците не им е многу гајле дали купувањето руски гас е политички проблематично. Увозниците се економски рационални и, освен ако нема законски пречки како ембарго, се сосредоточуваат на увозот на поевтин руски гас. На овој пристап му оди во прилог и порастот на побарувачката во Европа“, вели Тилечек.
Планот што претстои
Сега комисијата сака да го прекине целиот увоз на руски гас до крајот на 2027. За таа цел, планира да претстави законско решение следниот месец. И нафтата и нуклеарното гориво се на мета. Русија е главниот снабдувач со ураниум. Дополнително, во неколку земји членки на ЕУ работат реактори направени во Русија.
„Не сакаме да бидеме под контрола на [рускиот претседател Владимир] Путин“, рече Јергенсен откако ги претстави мерките. „Знаеме дека ќе ја претвори енергетиката во оружје ако мисли дека тоа би било во негов интерес.“
Комесарот истакна дека блокот, од 2022, потрошил повеќе на фосилни горива од Русија отколку на помош за Украина.
Законското решение ќе треба да биде одобрено од Парламентот на ЕУ, како и од земјите членки. На Комисијата не ѝ е потребно сите 27 земји членки да ги одобрат забраните за увоз. Потребна ѝ е поддршка од пондерирано мнозинство од само 15 земји.
Унгарија и Словачка, кои одржуваат блиски врски со Москва, веќе ги критикуваа плановите. „Одбивам да извршам економско самоубиство; a вистинско економско самоубиство e да се протурка идејата дека и гасот и нуклеарната енергија и нафтата, сè мора да секне само затоа што се крева нова железна завеса меѓу западниот свет и, веројатно, Руската Федерација и други земји“, рече словачкиот премиер Роберт Фицо, макар што нагласи дека ја разбира целта да се намали енергетската зависност.
Јергенсен рече дека Еврокомисијата е подготвена да продолжи понатаму со планот и без едногласие. Но, дури и ако отпорот од Унгарија или Словачка е безмалку сигурен, отпор може да дадат и другите, бидејќи голем број земји членки користат енергија од Русија.
Од исток до запад и преку Атлантикот
Земјите како Словачка или Унгарија остануваат зависни од руските фосилни горива – на пример, увезувајќи 80% од нивната нафта од Москва. Тие се ослободени од пакетот санкции за нафта. При крајот на 2024, и Австрија набавуваше околу 80% од својот гас од Русија. Испораките запреа дури кога заврши транзитниот договор помеѓу Москва и Киев истата таа година.
Комисијата ќе мора да се соочи и со зголемената зависност на некои земји од увозот на руски течен природен гас. Според Меѓународната агенција за енергетика, три земји – Белгија, Франција и Шпанија – увезле 85% од вкупниот увезен руски течен природен гас, дел од кој потоа го извезле и низ континентот.
Економски силните земји членки Франција и Германија имаат голем удел во откажувањето од руската енергија.
Пред нападот на Русија врз Украина, Германија увезуваше 55% од својот гас од Русија. Оттогаш, земјата работи на разгранување на увозот на енергија и изградба на терминали за течен природен гас. Откако Русија го затвори гасоводот Северен поток 1 во 2022, Германија увезува природен гас од Норвешка, Белгија и Холандија. Германија набавува течен природен гас од други земји членки на ЕУ, кои, пак, увезуваат дел од него од Русија.
Франција би се соочила со тешки последици од какво било откажување од рускиот течен природен гас, бидејќи има пет терминали за негова испорака во Европа. Франција го зголеми увозот на руски течен природен гас за 81% меѓу 2023 и 2024, што ѝ донесе на Русија приход од 2,68 милијарди евра, според Институтот за енергетска економија и финансиска анализа.
За Шпанија, во март, Русија била трет најголем снабдувач на природен гас, со 13,2% во првиот квартал од годината, зад Алжир и САД, двете земји со околу 32% во истиот тој период.
Шпанската влада рече дека овој увоз на течен природен гас произлегува од „приватни договори“ во коишто не може да интервенира, но нагласи дека сака да го зголеми увозот од други извори. Премиерот Педро Санчез во февруари во Киев изјави дека и владата и шпанското општество имаат „политичка волја“ да најдат други снабдувачи наместо Русија.
Напорите на Чешка се класичен пример за енергетскава дилема. Иако земјата првпат е независна од руската нафта поради комплетирањето на гасоводот ТАЛ во април, таа сè уште увезува руски гас, иако индиректно.
Во 2023, земјата прогласи целосна независност од рускиот природен гас и го намали увозот на речиси нула. Сега увезува мало количество руско гориво преку Словачка, според податоците од мрежата.
Овие текови го подвлекуваат предизвикот со кој се соочуваат некои држави при ограничувањето на нивната зависност од руски горива, иако се противници на војната на Кремљ во Украина. Словачка и Австрија увезуваат големи количества руски гас, а Чешка и Италија го добиваат индиректно од своите соседи.
Бугарија разгледува низа опции за разгранување на своите енергетски набавки – од црпење нафта и гас од Црното Море, до соработка со соседна Грција и Турција на гасни интерконектори, терминали за течен природен гас или проекти за пренос на гас, а работи и на зголемување на уделот во производството на обновлива енергија.
Земјата кандидат Северна Македонија увезува природен гас од Русија преку единствената влезна точка на границата со Бугарија. Како дел од плановите за разгранување на набавките, неодамна беше потпишан договор за изградба на гасен интерконектор со Грција, којшто треба да ја поттикне интеграцијата во европскиот енергетски пазар.
Земјата што сосема се одвикна од рускиот гас е Хрватска. Изгради пловечки терминал за течен природен гас на островот Крк во јануари 2021. Вака го разграни снабдувањето со гас и престана да биде зависна од увозот од Русија. Денес, Хрватска увезува течен гас главно од Соединетите Американски Држави, по што следат Нигерија, Катар и Египет. Терминалот не само што ги задоволува потребите на Хрватска за гас, туку може да ги снабдува и своите соседи.
Со намера да ги прошири и да ги надгради гасоводите, Хрватска сака да се претвори во регионален енергетски центар.
Правејќи повеќе набавки на течен природен гас од САД може да му помогне на Брисел и да ги намали трговските тензии со американскиот претседател Доналд Трамп. Со 45% во 2024, САД веќе станаа најголемиот снабдувач на течен природен гас во ЕУ, по што следи Русија со 20%. Трамп во април ја спомна бројката од 350 милијарди долари (309 милијарди евра) за дополнителни набавки на енергија.
Комисијата рече дека има за цел да се потпре на снабдувачи како САД, Норвешка, Катар или северноафриканските земји. Во исто време, треба да биде внимателна кон потрошувачите.
Сѐ повисоките цени на енергијата остануваат политички чувствителна тема. Комисијата ќе мора да се соочи со ризикот од уште едно покачување на цените на гасот како во 2022, ако сака да го спроведе предложениот план.
ЕНР – Брисел / МИА