По неколкудневната јавна кампања и соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ за наводни златни визи за Дубаи на поранешниот и актуелниот лидер на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче, од партиското дувло и партиските ботови е пуштена монтирана фотографија со наводни златни визи на Филипче и Заев.
На платформата Икс (Х), покрај партиските ботови, во ширењето на лажната вест се приклучи и новинарот Драган Павловиќ Латас. Станува збор за фотомонтажа, односно фотографиите на „визите“ на Заев и Филипче се лажни.
Фотографијата на Заев е преземена од неговата официјална Фејсбук страница, додека фотографијата на Филипче е превземена од негов предизборен спот. Ако се преведат двете визи со Google lens, во текстот од арапски на македонски ќе се види дека Филипче и Заев всушност „се една личност, Абрахам Малколм Едвин Џозеф Ентони“, државјанин на САД.
Многу е едноставно да се „извади“ златна виза. Доволно е да побарате на Гугл (Dubai golden viza) и веднаш ќе имате урнек (примерок) од Abraham Malcom Edwin Joseph Antony. Потоа само треба со фотошоп да се стави било која фотографија, да се измени датумот, името и презимето, државата и имате „златна виза за пропаганда“.
Ваквите ширачи на дезинформации преку креирање на манипулативни фотографии и понатаму остануваат неказнувани. Засега молчат од опозициската партија СДСМ за ширењето на монтираните фотографии на Филипче и Заев.
ЦДМТ
Преземено: Цивил Медиа