– Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени, реагираат од СДСМ, откако премиерот Мицкоски денеска најави дека веднаш по редовиот конгрес на крајот на годинава, најдоцна на почеток на наредната ќе има големи промени во партијата и во Владата.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ за десет месеци, како ураган, ја уништи економијата, го срози стандардот и ги закопа перспективите. Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Не реализираа ниту еден проект, туку сѐ уште отвораат инвестиции на СДСМ и се сликаат гордо пред успесите на минатата влада“, истакнуваат од СДСМ.
Во соопштението СДСМ додаваат дека „Мицкоски не е ни свесен каков гнев и незадоволство постои меѓу граѓаните од неговите политики, а изненадувањето ќе го дочека на изборите. Разбирливо е дека ќе мора да ги убедува граѓаните и најавува големи победи, затоа што е свесен дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“.