Владата на Велика Британија денеска соопшти дека склучила нови договори со Европска Унија за зајакнување на соработката во одбраната, за олеснување на трговијата со храна и олеснување на граничните проверки.
Договорите се склучени на денешниот Самит во Лондон, на кој британскиот премиер Кир Стармер се сретна со претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Стармер наведе дека договорите ќе ја намалат бирократијата, ќе ја поттикнат економијата на Велика Британија и ќе ги обноват врските со ЕУ откако Обединетото Кралство излезе од Унијата во 2020 година.
Според договорите, новото партнерство за одбрана и безбедност помеѓу Велика Британија и ЕУ ќе овозможи Лондон да има пристап до програмата за заем за одбрана на ЕУ од 150 милијарди евра.
Другите договори вклучуваат отстранување на некои проверки на животински и растителни производи за олеснување на прекуграничната трговија со храна и 12-годишно продолжување на договорот што им дозволува на рибарските бродови на ЕУ да влезат во водите на Велика Британија.
Време е да гледаме напред. Да ги оставиме настрана старите дебати и политички битки и да најдеме разумни, практични решенија што се најдобри за британскиот народ, посочи Стармер по првиот Самит на Велика Британија – ЕУ што се одржа во Лондон.
Велика Британија по Брегзит забележа пад на извозот во ЕУ од 21 проценти.