Изградбата на улицата „Свети Климент Охридски“, позната како „Западен булевар“, влегува во завршна фаза, информира градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, по направениот увид во градежните зафати.
Како што е објавено на веб страницата на Општината, со финиширањето на овој проект, што се реализира во неколку етапи поради неговата комплексност и обем, се очекува значително да се подобри сообраќајниот проток во градот, особено во зоната околу ООУ „Крсте Мисирков“, каде честопати се создавал метеж од товарен сообраќај.
-Со нетрпение го очекувам комплетирањето на овој, за мене, мошне значаен и приоритетен проект. Изградбата на оваа обиколница не само што носи развој, туку и решава долгогодишен сообраќаен проблем со движењето на товарни возила во близина на училиштето, стои во изјавата на гевгелискиот градоначалник.
Инаку, во тек се финалните градежни активности, меѓу кои и поставување на горниот асфалтен слој. Паралелно со тоа започната е и имплементацијата на сообраќајниот проект со кој е предвидена инсталација на комплетна хоризонтална и вертикална сигнализација, која ќе овозможи безбеден и ефикасен сообраќаен режим на новата сообраќајница.