Активистката на „Движењето Слободни граѓани“ и професорка, Марија Васиќ, синоќа се врати дома откако нејзиниот притвор беше променет во домашен притвор.
Нејзиниот син Милан Чанак утрово објави на социјалната мрежа X фотографија со неговата мајка дома. „Слика од синоќа, добро утро!“ напиша Чанак, пренесува Н1.
Slika od sinoć, za dobro jutro! 🙏 pic.twitter.com/yQUW86nW18
— Milan Čanak (@MilanCanak) May 21, 2025
Марија Васиќ и уште петмина активисти на Движењето на слободни граѓани и неформалната студентска организација СТАВ Лазар Диниќ, Давор Стефановиќ, Младен Цвијетиќ, Ладо Јововиќ и Срѓан Ѓуриќ беа уапсени на 14 март, ден пред големиот протест во Белград.
Тие беа обвинети за обид за соборување на уставниот поредок, сето тоа врз основа на аудио-снимка од нелегално прислушкуван разговор, која беше емитувана на телевизија поддржувач на Вучиќ на 14 март.
Откако притворот на Марија Васиќ беше продолжен за уште 30 дена по трет пат, таа штрајкуваше со глад и жед. Бидејќи нејзината состојба се влошила, таа била префрлена во Специјалната затворска болница во Белград на 15 мај.