Обвинителката Ленче Ристоска денеска упати барање за јавно извинување до новинарот Драган Павловиќ – Латас, поради – како што вели – неосновани и клеветнички изјави изнесени во телевизиска емисија.
„Во изминатиот период, поради мојата апликација за кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права, мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави,“ наведува Ристоска во објава на Фејсбук.
Според неа, во емисијата „Само вистина“, емитувана на Канал 5 на 16 мај 2025 година, Латас изнел лажно тврдење дека таа „неовластено зела 100.000 евра според Агенцијата за борба против корупција“, како и дека „нема ни стаж“. Наводите биле изнесени на 12:32 и 12:52 минута од вториот дел на емисијата.
„Државната комисија за спречување на корупцијата никогаш нема поведено било каква постапка против мене поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО,“ појаснува Ристоска, додавајќи дека таа е дел од правосудниот систем од 2009 година.
Обвинителката смета дека нападите врз неа доаѓаат во исклучително чувствителна фаза од процесот за избор на судија во Европскиот суд за човекови права, при што Владата на Северна Македонија сѐ уште не се произнела по предлогот на надлежната комисија.
„Овој интенциозен јавен напад, освен што го нарушува мојот интегритет, може да нанесе и директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката,“ вели Ристоска.
Таа додава дека нема ништо против јавна дебата и различни мислења за тоа кој го заслужува местото судија во Европскиот суд, но посочува дека е неопходно коментарите во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации.
„Во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права, јавната дебата мора да биде објективна и издржана,“ потенцира Ристоска.