Порталот Рацин.мк реагира на, како што наведуваат, недоличното и непрофесионално однесување на новопоставениот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОП), Петар Богојески, со оценка дека неговата јавна комуникација е спротивна на етичкиот кодекс на јавни функционери, особено во делот на односот со медиумите.
„Сосема спротивно на стандардите и етичките принципи за комуникација со јавноста, господинот Богојески продолжи со недоличната комуникација на социјалните мрежи – практика што ја негуваше и како партиски функционер“, се наведува во соопштението на редакцијата.
Оттаму потсетуваат дека Богојески е познат по, како што велат, шовинистички изјави, навредливи термини, говор на омраза и дезинформации, и дека ваквиот негов стил особено интензивно е насочен кон одделни медиуми, новинари, граѓански организации и активисти.
Повод за реакцијата е, според редакцијата, континуирано објавување навредливи коментари на нивната страница на социјалните мрежи од страна на Богојески, вклучително и во работно време, што го отвора прашањето за злоупотреба на службената позиција и притисок врз слободата на медиумското изразување.
„Коментарите се често со навредлива содржина насочена кон редакцијата, уредниците и новинарите на Рацин.мк, и се однесуваат на содржини кои немаат никаква врска со неговата функција или дејноста на НАЕОП“, посочуваат од порталот.
Сметаат дека ваквото однесување претставува облик на агресивен притисок врз медиумите и очекуваат надлежните институции да го земат предвид ваквиот однос како сериозен проблем во контекст на јавната одговорност и медиумските слободи.