Во рамките на промоцијата на стрипот и дигиталната уметност, Францускиот институт во Скопје и здружението „Макстрипови“ вечер со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје организираат цртачки концерт и интерактивна претстава со ВИДУ, дигитален уметник, во музичка придружба на пијанистката Марина Васиљева.
Виктор Дулон – ВИДУ е концептор на видеоигри и доаѓа од Бордо, Франција. Работел во многу компании на различни позиции – од 3Д моделирање до предавач на Школата за видео анимации во Бордо. Во неговата кариера има остварено низа соработки со познати продукциски куќи, меѓу кои е и неговиот ангажман, од 2019 до 2022 година, за славните Марвел комикс и нивниот проект „Видео-комикс“, каде создаваат спој помеѓу стрипот и видео игра.
Инаку, добитник е на првата награда за најдобар стрип на Стрип-фестивалот во Ангулем, во 2017 година.
Концертот е дел од поширока програма што се одвива од 26 до 30 мај, за време на уметничката резиденција на ВИДУ во Скопје. Во рамките на резиденцијата се одржуваат и креативни работилници за над 100 средношколци и студенти, семинар за професори по француски јазик со фокус на дигиталниот стрип како педагошка алатка, како и размена со локални стрип-уметници, во организација на „Макстрипови“.