Кина успешно ја лансираше вселенската сонда Тјанвен-2, како дел од првата кинеска мисија за прибирање недопрени примероци од астероид, што научниците го оценуваат како „значаен чекор“ во меѓупланетарските амбиции на Пекинг.
Ракетата „Долг марш 3Б“ се крена од Космичкиот центар Сичанг во југозападната кинеска провинција Сичуан, во четвртокот околу 1:31 по локално време (18:30 GMT). Таа ја носеше роботската сонда Тјанвен-2, која би можела да ја направи Кина третата земја што ќе донесе примероци од астероид назад на Земјата.
Државните медиуми известија дека „сондата успешно ги отвори своите соларни панели“, а Кинеската национална вселенска агенција (CNSA) официјално го прогласи лансирањето за успешно.
Во текот на следната година, Тјанвен-2 ќе се упати кон малиот блискоземски астероид 469219 Камо’оалева (познат и како 2016HO3), кој се наоѓа на околу 16 милиони километри од Земјата. Истражувачите сметаат дека овој астероид можеби е фрагмент од Месечината.
Според планот, леталото ќе стигне до астероидот во јули 2026 година, а ќе врати капсула со примероци на Земјата во ноември 2027. Ако мисијата биде успешна, Кина ќе се придружи на Јапонија (која донесе примероци во 2010) и САД (во 2020), како третата земја со ваков подвиг.
Весникот People’s Daily ја опиша мисијата како „обид да се фрли светло врз формирањето и еволуцијата на астероидите и раниот Сончев систем“. Шефот на CNSA, Шан Џонгде, изјави дека мисијата претставува „значаен чекор во новото кинеско патување низ меѓупланетарниот простор“ и дека се очекуваат „револуционерни откритија“ кои ќе го прошират знаењето на човештвото за вселената.
Мисијата ќе трае цела деценија и има повеќе цели, меѓу кои и истражување на главно-појасниот комет 311P, како и мерење на физичките карактеристики на двата небесни објекти: орбитална динамика, ротација, големина, облик и термички својства. Примероците ќе помогнат во одредување на нивниот хемиски и минерален состав и внатрешна структура.
Астероидот 2016HO3, кој има дијаметар меѓу 40 и 100 метри, е квазисателит на Земјата, кој речиси еден век орбитира околу Сонцето во синхронизација со нашата планета.
Во последниве години, Кина брзо ги проширува своите вселенски програми. Лансираше роботи на темната страна на Месечината и во јуни минатата година прва во историјата донесе примероци оттаму. Во орбита ја оперира сопствената вселенска станица Тјангонг, единствена активна покрај Меѓународната вселенска станица (ISS), откако САД ја исклучија Кина од ISS.
Во април годинава, тројца кинески астронаути се вратија по шестмесечна мисија на Тјангонг – најдолгата досега за кинески екипаж. Пекинг има и планови за испраќање луѓе на Месечината до 2030 година.
Истовремено, САД преку НАСА планираат да ги вратат астронаутите на Месечината за првпат по 1972 година, преку мисијата Artemis 3, која најрано би се реализирала во 2026.
Редакција Фронтлајн