СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски склучила договор со бугарска компанија за фотографирање, снимање видеа и спроведување кампањи за промоција на премиерот Христијан Мицкоски и неговите успеси.
За таа цел, според Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, ќе бидат потрошени 380 илјади евра. СДСМ, како што рече, бара истрага за начинот на кој се трошат државните пари.
– Додека во Македонија граѓаните едвај преживуваат, не можат да наполнат цела кошничка во маркет, Владата ќе фрла астрономски суми, 1.500 денари за една фотографија и над 15.000 денари за едно видео. Вкупно 380 илјади евра, рече Цветаноски.
Како што кажа, претходно Владата склучила договор вреден 400.000 евра за анкети за мерење на рејтигнот на Мицкоски. Според Цветаноски, ќе се потрошат 780.000 евра народни пари „за да се продава лажната слика“, а пари за реални проблеми, болници, и за семејствата од Кочани нема.
-Ова е класичен грабеж и перење на народни пари и ништо друго. СДСМ бара итна истрага за начинот на кој се трошат државните пари. Ги повикуваме Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да отворат постапки за овој случај, рече таа.