Украинските власти наредија задолжителна евакуација на жителите од уште 11 погранични села во Сумскиот регион, јави Укринформ.
„Потпишав наредба за задолжителна евакуација на жителите од уште 11 населени места во Сумскиот регион“, напиша на Фејсбук началникот на регионалната воена администрација, Олег Григоров.
Тој објасни дека одлуката е донесена „поради постојаната опасност по животите на цивилите поради непрекинатото гранатирање на граничните населби“.
Со оваа наредба, веќе во сила е задолжителна евакуација за населението на вкупно 213 населени места во Сумскиот регион, забележува Укринформ.
Порано неделава, повеќе од 500 локални жители беа евакуирани од североисточниот украински регион што граничи со Русија.
Руската армија зазеде четири села во Сумскиот регион, објави Григоров во вторник, само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека наредил создавање тампон-зона по должината на границата.
Североисточниот украински регион се граничи со рускиот Курски регион, каде што украинските трупи извршија ненадеен упад во август минатата година.
Русија тврди дека целосно ја истиснала украинската армија од Курскиот регион, тврдење што Кијив го негира.
Генералштабот на вооружените сили на Украина, цитиран од Укринформ, утринава извести дека вчера се воделе 191 битка, вклучувајќи ги жестоките борби во правците Покровское и Курск.
Во руското гранатирање во Украина во текот на ноќта загинале две лица, јави Укринформ, повикувајќи се на локалните власти.
Гувернерот на пограничниот руски Курски регион извести дека 14 лица се повредени во украинските напади со беспилотни летала.
Деветгодишно девојче е убиено, а 16-годишно момче е повредено во руски напад со касетни бомби во Запорошкиот регион, во југоисточна Украина, изјави началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров, цитиран од Укринформ.
Федоров рече дека нападот се случил во село во близина на линијата на фронтот во Полошкиот регион.
Шеесет и шестгодишен маж е убиен во руско гранатирање на градот Херсон, соопшти началникот на регионалната воена администрација, Олександр Прокудин.
Прокудин, исто така, на Телеграм напиша дека три лица вчера биле убиени во руски напади во овој јужен украински регион.
Тврдењата на двете страни во конфликтот не можат независно да бидат потврдени.