Со почетокот на туристичката сезона во Албанија отворени се 36 летни здравствени амбуланти, за да ги опслужуваат домашните и странските туристи во крајбрежните и планинските туристички области.
Во амбулантите, кои веќе се опремени со медицински потрошен материјал, опрема и лекови, ангажирани се 227 лекари и медицински сестри. Истите ќе функционираат 24/7 до крајот на сезоната, односно 30 септември.
Споредено со минатата сезона отворени се две амбуланти повеќе, поради зголемениот број туристи. Во соработка со националната итна помош, на располагање се ставени и амбулантни возила за оние случаи на кои ќе им биде потребна специјализирана помош.
Во периодот од четири месеци, јуни-септември минатата година, во овие амбуланти евидентирани се 80.765 услуги, од кои 32 отсто на странски државјани.
Минатата година, земјата забележа рекордна посетеност од 11,7 милиони туристи, што беше за 15,2 отсто повеќе во споредба со претходната година, при што најбројни се косовските и македонските туристи.