Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (10.06.2025) заедно со раководството на Министерството го пушти во употреба реконструираното Одделение за управни работи – Скопје кое се наоѓа во зградата на МРТВ. На настанот на кој присуствуваше и претседателот на Владата проф.д-р Христијан Мицкоски, министерот Панче Тошковски образложи дека Одделението за управни работи е во надлежност на Министерството внатрешни работи и нуди најголем дел услуги за граѓаните, а неговата реконструкцијата која почна кон крајот на месец октомври минатата година беше една од стратешките планови на ова раководството на МВР со цел граѓаните да добиваат брзи и ефикасни услуги кои ги плаќаат и ги заслужуваат, информираат од МВР.
„Веќе нема да има хаос, неред и граѓани со нарушено достоинство кога е потребно да се извади личен документ или било која услуга која ја дава овој Оддел. Целта на реконструкцијата е граѓаните да имаат можност за брзи и ефикасни услуги, да го штедат своето време и сето тоа да биде на достоинствен начин како што заслужува секој македонски граѓанин. Со реконструкцијата и реновирањето засега опфатени се 20 т.н. кабини за сликање кои ќе извршуваат повеќе работни функции и ќе даваат повеќе услуги на граѓаните, реконструирана е големата шалтер сала која во наредниот период ќе ги опслужува граѓаните во делот на издавањето на пасошите по итна и редовна постапка, личните карти по итна постапка, возачките дозволи, уверенија за државјанства заедно со сите останати постапки во врска со барањата за прием и отпуст од државјанства, промена на лично име и други, како и услуги од областа на возилата“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека заедничкиот просто кој е наменет и за граѓаните и за вработените е опремен на начин кој ќе овозможи секој граѓанин да се чувствува пријатно за времетраењето на давањето или чекањето на конкретната услуга.
Во реконструкцијата во оваа фаза се реконструирани и 15-на канцеларии за вработените, санитарните чворови, инсталиран е целосно нов централен систем за ладење и греење и извршено е целосно сервирање на надворешните окови, во насока објектот да биде што повеќе енергетски ефикасен.
Тошковски на крајот подвлече дека паралелно со процесот на дигитализација во кој многу од услугите кои ги дава МВР ќе бидат достапни и дигитално, ќе се продолжи со отворање на нови канцеларии на управни служби онаму каде што тие не се достапни за граѓаните, а веќе се отворени шест нови, како и реконструкција и модернизација на други каде што е потребно.
Фото: МВР