Класичното дело на Шекспир „Ричард трети“ е негово прерпочитување, осовременување за да биде поблиско до денешната публика, нагласи модераторот Звонко Димоски при денешните разговори за претставата „Ричарт трети“ на Албанскиот театар која е во официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.
-Претставата беше долга, комплексна, всушност, како што е и текстот на Шекспир. Се разбира, не беше едноставно да се следи истовремено и преводо.т Честитки до целиот ансамл на Албански театар. Режисерот Бектеши овој класичен текст го направил со многу современи изрази, и некако филмски. Прашање е колку се инспирирал од филмот од 1955 година. Пренесувањето на „Ричард трети“ во денешно време во популистички, фашистички контескт, слично на филмот, беше голем предизвик и одлично дело поставено на театарската сцена, рече Димоски.
Главниот актер Адем Карага, кој го презеде најголемиот товар на улогата, на сцена беше фасцинантен. Карага ги пренесе согледувањата за сценскиот израз.
-Секоја година сум на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ и ми е посебно задоволство. Работата на претставата беше напорна полни три месеци. Мене ми требаше време да се „одлепам“ од таа класика за да дојдам до денешново време. Шекспир е Шекспир. Режисерот имаше јасна визија. Неговата визија е да го донесе Шекспир во денешно време. Идејата беше да ја претставиме денешницата и каде таа нѐ води, рече актерот Карага, кој го толкува ликот на Ричард Трети.
Карага одговори отворено како се спротивставил на физичката и психолошката тежина на ликот.
-Ние сите, како чисти битија доаѓаме на светов. Околностите нѐ прават зли. Ричард има физички мани, а конфликтот со околината го прави трагичен лик. Јас сочувствував со него, одговори Карага.
И денеска на Македонскиот театарски фестивал продолжува богатата програма. Вечерва на репертоарот се три претстави – две во официјалната конкуренција и една од независната продукција.
Од 19 часот во големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков“ е претставата на Драмски театар од Скопје „Парови“, а од 22:30 часот на истата сцена пред публиката ќе се претстави домаќинот, Прилепскиот народен театар со претставата „Бура“.
Од 20 часот во прилепскиот кафе бар „Тротоар“ е независната претстава „Ла Макбет“ од „Хибрид продукција“ од Скопје.