Цените на производите во вообичаената кошница за домаќинствата во грчките супермаркети се пониски отколку во супермаркетите во Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија, Португалија, Германија и Романија, покажуваат резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од ИЕЛКА, во истражувањето била направена споредба на вкупно 40 категории на производи, односно над 6.000 цени на производи во 44 различни синџири на супермаркети во вкупно осум земји.
Во Грција, класичната кошница со неопходните продукти за домаќинствата, со вклучен ДДВ изнесува 135,77 евра, во Германија е за 46 отсто поскапа, во Франција за 26 проценти, во Велика Британија за 24 отсто, за 15 проценти во Италија, за 9 отсто во Шпанија и Романија и за 7 проценти во Португалија.
– Општиот заклучок од анализата е дека организираната малопродажба на храна во Грција (супермаркети) им овозможува на грчките потрошувачи пристап до производи за нивната вообичаена кошничка по пониски цени во просек, што е резултат на организираниот напор на добавувачите и трговците на мало да ги контролираат цените во последните години. Овој тренд со мали бранувања е конзистентен во последните 12 години период во кој се спроведува конкретно истражување од ИЕЛКА, соопштија од Институтот.