Главните преговарачи на Србија и Косово одржаа нова рунда разговори во Брисел со посредство на специјалниот претставник на ЕУ Петер Соренсен, кој информираше дека е постигнат договор за продолжување на дијалогот наскоро.
„Бев домаќин на долга средба со преговарачите од Белград и Приштина. Разговаравме за напредокот, нерешените прашања и подготовки за следна средба на високо ниво“, објави Соренсен на платформата Икс.
Белград бара формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население во Косово, што е обврска од договорот од 2013 година, а косовската страна наведува дека Србија го блокира интегрираното гранично управување.
Преговарачот на Србија, Петар Петковиќ, информира дека е доставен план за деескалација на тензиите на северот на Косово и оти е договорено продолжување на разговорите во јули. На 26 јуни во Женева ќе се одржи состанок на работната група за исчезнати лица од војната во Косово.
Косовскиот претставник Бесник Бислими истакна дека Соренсен има „јасна визија за дијалогот“, но оти е „прерано за конкретни резултати“.