Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ по сценарио и режија на Гоце Цветановски освоил награда за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Како што соопшти режисерот Цветановски, фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет.
-Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил. Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот, вели Цветановски.
Арт директор на ова остварување е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.