Со цел да споделува искуства, да придонесе за зајакнување на заедницата и да гради модели на отпорност, солидарност и психосоцијално заздравување по трагичниот настан во Кочани, седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска од 16 до 18 јуни престојува во Кочани, информираат од Општина Кочани.
Почетокот на активностите беше официјализиран со настанот под наслов „Пат на заздравување“, на кој присуствуваше амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин и претставници на „Europe House“, како иницијатори и поддржувачи на програмата, како и претставници на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ и „Сапорт“ – Кочани.
Во тимот од Гетеборг се преживеаните од пожарот во 1998 година во дискотека во Гетеборг – Нима Параш Лама и Розбех Асланијан и пожарникарите Пер-Андерс и Бенгт Холм, социјалните работнички Елеонор Артфорс и Хели Кунас, како и координаторот на Центарот за поддршка Ларс Лилед.
– Три месеци Кочани живее во длабока криза, емотивна, психичка, криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отколку што можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години. Искуствата стекнати во тој процес очекуваме да ни помогнат – истакна в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џеин нагласи дека искуствата од ваквите трагедии се слични, иако се случувале во две различни држави – болката и последиците се исти.
– Заеднички се сеќаваме, заедно жалиме и заедно учиме да продолжиме со животот, порачуваат нашите гости од Гетеборг. Тоа значи активно учество на сите нас во градењето безбедносни простори за секого, простори на вклученост, на почитување и толеранција на различноста и посебноста, простори на слободата – рече во обраќањето пред присутните Лина Ќостарова-Унковска, од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“.
Пред присутните говореше и Ларс Лилед, кој по пожарот во Гетеборг од менаџер за развој се пренасочил во специјалист за катастрофи, а неговата работа на тој план е опишана во книгата „Како редење сложувалки“, која во рамките на оваа програма за поддршка на настраданите од пожарот во Кочани е преведена на македонски јазик.