Започна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм на Марко Ѓоковиќ со работен наслов „Потстанар“, во продукција на Сектор Филм.
Како што е наведено во соопштението на продукцијата, сценаристи на филмот се Марко Ѓоковиќ и Симеон Венциславов од Бугарија, а снимањето на филмот ќе биде на повеќе локации во Скопје во текот на наредниот месец. Главните улоги ги толкуваат младите актери Ана Јовановска, Илија Волчевски и Хакан Даци, како и Албан Укај од Босна и Херцеговина кој се прослави со впечатливата улога на „Сокол“ во филмот „Lorna’s Silence“ на браќата Дарден.
Во останатите улоги се Николина Кујача, Камка Тоциновски, Софија Куновска, Борис Дамовски, Адем Карага, Стефанија Начевска, Мина Јелушиќ, Лазар Христов, Бранко Атанасов и Матеа Јанковска.
– „Потстанар“ е психолошка драма инспирирана од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ. Филмот ја раскажува приказната за тројца пријатели чиј заеднички живот добива неочекуван пресврт откако зад шармантната фасада на нивниот нов цимер започнува да излегува на виделина неговата вистинска, манипулативна природа. Во тесниот простор на заедничкото живеалиште, борбата за лична слобода станува неизвесна, стои во соопштението.
Сектор филм го реализира филмскиот проект „Потстанар“ во копродукциска соработка со „Mir Media Group“ и „Living Pictures“ од Србија и со „Parangal Film“ од Црна Гора, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот центар на Црна Гора.
Директор на фотографија на „Потстанар“ е Александар Крстевски, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф Розе Tрајческа, шминка Снежана Ангеловска Живковска, снимател на звук е Дејан Михајловски. Кастинг директор е Милка Анчевска. Продуценти на филмот се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, а како копродуценти се јавуваат Александар Протиќ, Димче Стојановски и Стефан Орландиќ Стојановски од Србија и Маја Кецојевиќ од Црна Гора.